Работни групи и очекувања за решавање на 25 годишниот спор за името

Прашањето за името, позициите на Македонија и на Грција, како и очекувањата за тоа какви промени ќе следат во регионот по решавањето на овој 25-годишен спор и натаму се главна тема во јавноста во двете држави.

Министерот Димитров во интервју за „Ројтерс“ информираше дека Македонија и Грција се согласиле да формираат работни групи, предводени од министрите за надворешни работи кои ќе бидат посветени на пронаоѓање решение за 25 годишниот спор со името.

- Јасно е дека идентитетот е мошне важен за нас. Мора да најдеме начин да ги убедиме нашите грчки колеги дека има јасна дистинкција меѓу нашата земја и нивниот регион, кој ја вклучува северна Грција, додаде Димитров, кој очекува првиот состанок да се одржи следниот месец.

Шефот на македонската дипломатија истакна дека Македонија, која од 2005 година има статус на кандидат за членство, се надева оти в јуни ќе добие датум за почеток на преговорите, како и покана за членство во НАТО.

Портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, пак, во интервју за радиото Солун 94.5., потенцираше дека промена на уставното име, употреба во внатрешноста на земјата и заложба Владата зад себе да го остави иредентизмот, се барањата од официјална Атина за постигнување решение.

- Нашата позиција е едно име, ерга омнес, што ќе се користи за сите, а нашите соседи ќе го користат во внатрешноста, односно ќе постои и промена на уставното име за да можеме да се најдеме во полето за решение, рече Ѕанакопулос.

Прашањето за името отвори и нов фронт во Грција, меѓу Владата и црквата.По одлуката на Светиот синод на Грчката православна црква дека во однос на прашањето за името не прифаќаат никаква употреба на терминот Македонија, грчкиот премиер Алексис Ципрас со одговор до поглаварот на ГПЦ архиепископот Јеронимос, дека државата е уставно одговорна за националните прашања, а црквата може да даде придонес.

- Пред се, со прашањето ќе управуваме со одговорноста што ни ја дадоа Уставот и изборот на грчкиот народ, во духот на дијалог и национално единство, му напиша Ципрас на Јеронимос.

Во дописот што претходно му го упати Јеронимос на Ципрас, соопштувајќи му го ставот на ГПЦ, побара грчкиот премиер во договорот за името да се погрижи и за името на црквата во кое не треба да биде вклучен терминот Македонија или изведените зборови.

Рускиот весник „Комерсант“, пак, вчера објави дека Македонија и Грција се близу до решавање на 25-годишниот спор што ќе доведе до сериозни геополитички промени на Балканот.

- Во јули Скопје сигурно ќе добие покана за НАТО, а во 2019 година ќе стане 30-та членка на Алијансата, пишува „Комерсант“, посочувајќи дека конечниот договор може да се постигне веќе следната недела и оти земјата најверојатно ќе се нарекува Нова Македонија.

Владите во Скопје и во Атина од медијаторот Метју Нимиц на претстојната рунда разговори, закажана за 17 месецов во Њујорк, очекуваат инцијална рамка со која суштински ќе се напредне во надминувањето на разликите за името.

Гувернерката Ангеловска - Бежоска т на Пролетните средби на ММФ и Светска банка

Гувернерката Ангеловска - Бежоска и вицегувернерот Бајрами учествуваат на Пролетните средби на ММФ и Светска банка

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и заменик-министерот за финансии Филип Николоски ја предводат делегацијата којашто учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во состав на делегацијата е и вицегувернерот Фадил Бајрами.

Од Народната банка најавуваат дека гувернерката и вицегувернерот ќе одржат состаноци со заменик-директорот на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе.

- На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка, информираат од Народната банка.

Во рамки на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со заменик-претседателката на Светска банка, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.

Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.

Брнабиќ: Белградските и локалните избори ќе се одржат на 2 јуни

 Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека донела одлука да го прифати барањето на опозициските партии сите локални избори да се одржат заедно со изборите во Белград на 2 јуни. 

Брнабиќ на вонредна прес-конференција рече дека тоа би значело дека в сабота ќе се расправа за измените Законот за локални избори. Локалните избори ќе ги распише в недела.

„Одлучивме да го прифатиме барањето, во консултација со претседателот, на опозицијата околу СПН и коалицијата НАДА и да ги распишеме сите тие избори закажани за јули и август. За ова ќе биде потребна измена на законот за локални избори ... И секако е важно да го направиме тоа што е можно поскоро, затоа моето барање до службите и до сите пратенички групи е да го завршат попладнево“, изјави таа.

Песков: Американската помош за Украина нема да ја промени ситуацијата на фронтот

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека новата американска помош за Украина нема да промени ништо на бојното поле.

- Тоа на никаков начин нема да влијае на развојот на ситуацијата на фронтот … што е многу неповолно за украинската страна, посочи Песков.

Неговата изјава уследи откако претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон најави дека на 20 април ќе се одржи долгоочекуваното гласање за помош на Украина, Израел и Индо-Пацификот.

Гласањето е по повеќе од два месеци откако пакетот беше одобрен во Сенатот.

Надлежниот комитет претстави закон што ќе обезбеди 60,84 милијарди долари за Украина и регионалните партнери, од кои 23,2 милијарди долари ќе бидат искористени за обнова на резервите американско оружје и објектите.

Поддршката за Израел изнесува вкупно 26,38 милијарди долари, вклучително и средства за покривање на трошоците за американските воени операции како одговор на неодамнешните напади.

Средствата наменети за Индо-пацификот изнесуваат 8,12 милијарди долари.

притисни ентер