Вевчанци ги подготвија маските, на карневалот очекуваат многу викенд гости

Вевчани и оваа година од 12-ти до 14 јануари ќе биде театар на отворено со изобилство од креативност и импровизација и центар на сатирата за настаните што ја одбележаа минатата година. Вевчанскиот карневал ќе има и многу музика - годинава со македонски изведувачи.

Карневалот, со кој се слави доаѓањето на новата година по стариот календар, ќе почне со забава, вечерта на 12 јануари, кога ќе настапат групите Pluto's Doubts и Фолтин, и диџејот Кирил Џајковски. Наредниот ден, 13 јануари, во 13 часот ќе почне дефилето на маски. Во пресрет на Василица и пречекот на православната Нова година, вечерта на 13-ти Чалгија саунд систем, Џамбо Агушев оркестар и Блага Петреска ќе ги забавуваат василичарите и гостите на Вевчани. Кулминација на настанот е на 14 јануари сретсело со василичарско оро на околу илјада маски. Карневалот ќе заврши тој ден попладне со традиционалното палење на маските.

- Карневалот годинава е во викенд и очекуваме многу посетители од земјава и од странство. Вевчанскиот е најстар карневал, со најдолга традиција во Македонија и пошироко. Уникатен е и единствен, а учесниците ја имаат сета слобода да критикуваат и иронизираат, рече на прес-конференција вевчанскиот градоначалник Сашо Јанкоски, кој ги покани сите што имаат желба да дојдат идниот петок, сабота и недела во Вевчани за, како што рече, заедно со нив да му се радуваат на животот и да ја пречекаат старата нова година.

Вевчанскиот уметник Симун Лешоски, автор на дизајнот за пасошот на Република Вевчани и на вевчанските банкноти - личници, зборуваше за сите специфични обичаи за време на карневалот, кој е стар 1400 години и има повеќе од 10 000 посетители.

Зетот и Невестата се главните ликови-маски на карневалот кои, рече Лешоски, се задолжени ноќта меѓу 13-ти и 14 јануари да ги посетат сите, околу 700 куќи на Вевчани, за да соберат пари (т.е. маста) што се наменети за донации. Маските се чуваат во најголема тајност и никогаш не се повторуваат на некое следно карневалско издание.

- Вевчани не е село, Вевчани не е град, не е нуту Република. Вевчани е приказна за себе во која главната улога е карневалот - тотален театар и тотална слобода. Никој нема и не може да има влијание на идејата на креаторот на маската. Такви ингеренции нема ниту градоначалникот и, дури и да има таков обид, кога се смета дека маската е можеби навредувачка поради нешто, ефектот би бил спротивен. Тоа е пркосот на Вевчанци, истакна Лешоски.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски на прес-конференцијата рече дека Вевчанскиот карневал е бренд на Република Македонија.

- Уникатен е зашто успева народните традиции да ги спои со една отворена критичка култура која Вевчанци ја негуваат. Овој фестивал има и огромен потенцијал да го развие руралниот и културниот туризам и ние во таа насока сакаме да го видиме неговиот иден развој. Министерството за култура продолжува да го поддржува карневалот, рече Алаѓозовски, додавајќи дека овој фестивал е пример за децентрализација во културата.

За европските избори во Хрватска пријавени 25 листи

Хрватската Државна изборна комисија (ДИК) доби 25 кандидатски листи за европските избори во Хрватска, што е за осум помалку од 2019 година, јави Хина.

На 9 јуни во Хрватска ќе се одржат избори за Европскиот парламент, а на нив треба да се изберат 12 европратеници со мандат од пет години.

Со предавањето на списокот се означува и официјалниот почеток на изборната кампања, што ќе трае до 7 јуни, кога почнува изборниот молк.

Листата на ХДЗ ја предводи премиерот Андреј Пленковиќ, Божо Петров ќе биде на чело на листата на Мост, Иван Пенава на Татковинското движење ( Домовински покрет), додека листата на коалицијата собрана околу СДП ќе ја предводи Билјана Борзан.

Јунските избори за Европскиот парламент ќе бидат четврти по ред од влезот на Хрватска во Европската унија, при што првата постава на хрватски европратеници избрана во 2013 година имаше мандат од само една година, бидејќи веќе следната година се одржаа редовни европски избори.

Европските избори во Хрватска се втор изборен циклус годинава во земјата, по парламентарните избори одржани на 17 април, а на крајот на годината ќе се одржат и претседателските избори. /МИА

Германија наскоро ќе ја продолжи соработката со УНРВА

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза .

Германската влада планира да ја продолжи соработката со Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) во Појасот Газа во блиска иднина, соопштија денеска германското Министерство за надворешни работи и Сојузното Министерство за економска соработка и развој.

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза откако Израел обвини десетина нејзини вработени дека се вклучени во нападите на 7 октомври во кои загинаа околу 1.200 луѓе.

Неколку вработени беа отпуштени поради обвинувањата. Во деновите и неделите што следеа, 16 земји донатори - вклучувајќи ги и двата најголеми донатори, Соединетите Американски Држави и Германија - го суспендираа или паузираа финансирањето, оставајќи го со финансиска празнина од околу 450 милиони американски долари.

Откако се појавија наводите, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вети сеопфатен преглед.

Експертите задолжени за истрага на неутралноста на ОН во светлината на наводите дека вработени на ОН биле вмешани во нападите врз Израел на 7 октомври денеска препорачаа заострување на заштитните мерки во „осум критични области“.

Во исто време, во нивниот извештај се вели и дека Израел досега не доставил докази дека одредени вработени биле членови на терористички организации.

Независната група, предводена од поранешната француска министерка за надворешни работи Катрин Колона, беше формирана на почетокот на февруари. /MИА

Фестивалот „Коачела“ казнет со 28.000 долари поради Лана Дел Реј

Популарниот музички фестивал, на којшто настапија светски ѕвезди како Шакира, Доџа Кет и „Ноу даут“, „Коачела“ (Coachella) заврши, но една од изведувачките ги прекрши правилата.

Се работи за американската поп-пејачка Лана Дел Реј, поради која организаторите на фестивалот ќе треба да платат казна од 28.000 долари... Имено, пејачката настапила 13 минути подолго од предвиденото и со тоа го прекршила договорот што организаторите го имаат со Градот Индио, каде што се одржува фестивалот, пишува „Ти-ем-зи“ (TMZ).

На фестивалот, имено, му се наплаќа дневна казна од 20.000 долари за првите пет минути од пречекорувањето на времето и дополнителни 1.000 долари за секоја минута потоа. /МИА

притисни ентер