Во Собранието ќе се гласа за потребата од носење на законот за јазиците

Собранието на Република Македонија денеска напладне треба да гласа за потребата од носење на Предлог - законот за употреба на јазиците, по што тој ќе влезе во втора фаза и пратениците ќе можат да поднесуваат амандмани по текстот.
Владејачкото мнозинство вчера порача дека Македонија навлегува во фаза на градење доверба меѓу заедниците.

- Сакаме подобар систем, подобри закони, подобар живот за сите. Да испратиме порака дека Собранието ќе им ги гарантира сите права на граѓаните, независно од кој етникум доаѓаат и на кој јазик зборуваат, истакнаа пратениците од владејачкото мнозинство за време на расправата. 

Се очекува, според најавите, опозицијата да не гласа за предлог-текстот во прво читање и, како што изјави вчера на пленарната седница Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, да поднесе повеќе амандмани со кои од законот ќе се тргнат одредбите кои се надвор од Уставот. Опозицијата смета дека законот е неуставен, дека нема да биде применлив и дека ќе резултира со дополнителни фрустрации кај граѓаните. 

Амандманите за Предлог-законот ќе се разгледуваат на Комисијата за европски прашања, бидејќи законот е со европско знаменце. Потоа законот во второ читање ќе оди повторно на пленарна седница на дебата и финално изјаснување на пратениците по текстот.

На дневен ред на 15. собраниска седница се и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за употреба на македонскиот јазик, Предлог на закон за престанување на важењето на Законот за националниот уметник на Република Македонија, Предлог на закон за издавање на вредносни бонови – ваучери, сите во прво читање, како и интерпелациите за работата на министерите за финансии Драган Тевдовски, за култура Роберт Алаѓозовски и за министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку, поднесени од  опозициските пратеници. /МИА

Дезинсекција на подрачјето на општина Демир Хисар

 Екипи на ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола денес и утре на подрачјето на општина Демир Хисар ќе вршат превентивна систематска дезинсекција.

Од ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола информираат дека акцијата се врши согласно Законот за заштита на населението од заразни болести и препораките на Министерството за здравство, а врз основа на одлуката на Советот на општина Демир Хисар за спроведување на превентивна систематска дезинсекција на територијата на тамошната локална самоуправа.

Запрашувањето со цел уништување на комарците ќе се врши во периодот од 19 до 2 часот по полноќ, со апаратура за УЛВ ладно запрашување поставена на пикап-возило. Со оглед на тоа дека активностите ќе се изведуваат во вечерните часови, на возилото со апаратурата за дезинсекција ќе му предходи  друго возило означено со ротационо светло.

Со дезинсекцијата ќе бидат опфатени зелените површини во општината, подрачјата по течението на реките и водотоците, застојни води и подрачјата околу каналниот систем на територијата на општина Демир Хисар, урбани населби и локалитети предвидени во планот и програмата.

Пред Собранието изутринава мирно, сообрачајот нормализирана

Пред Собранието на Македонија изутринава е мирно по синоќешните насилни протести во кои се повредени седум полицајци и приведени 25 демонстранти. 

Барикадите се остранети, а сообраќајот по улиците околу собраниската зграда се одвива нормално. Забележливо е помало полициско присуство.  

МВР по синоќешните настани соопшти дека дел од демонстрантите на вчерашниот јавен протест во Скопје, употребија распрскувачки средства и насилно ја турнаа заштитната ограда, истовремено обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата уопотреби солзавец, информира МВР.

Министерството за внатрешни работи потенцира дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила и насилен упад, како и нарушување на јавниот ред и мир. Министерството апелира на демократски начин на изразување на јавното мислење.

Повеќе информации од МВР за вчерашните случувањата пред законодавниот дом во центарот на Скопје ќе бидат соопштени во текот на денов.  

Протестите беа против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан вчера во Псарадес.

Нова демократија: Тажен и срамен ден за Грција

Тажен и срамен ден за Грција, бил вчерашниот според Нова демократија и поради инцидентите во близина на Преспа и поради потпишаниот договор.

Од грчката опозициска партија коментираат дека Ципрас и Каменос вчера ја отстапија можноста „граѓаните на ПЈРМ да се нарекуваат Македонци и да говорат македонски јазик“, јави дописничката на МИА од Атина.

- Во исто време додека Ципрас и Коѕијас славеа во Преспа за еден договор што им штети на националните интереси, на полицијата и беше дадена наредба да покаже, до сега невидена, бруталност, испраќајќи ги дури и во болница граѓаните кои ја покажаа нивната патриотска чувствителност. Не е само тажен ден за Грција, туку е и ден на срам за Ципрас и Каменос, бидејќи заедно, на граѓаните на ПЈРМ им ја отстапија можноста да се самонарекуваат „Македонци“ и да поддржуваат дека говорат наводен македонски јазик, соопштуваат од опозициската партија и додаваат дека „македонски јазик и македонска националност не прифатила ниту една претходна грчка влада“.

Од Нова демократија коментираат дека грчкиот народ со право бил бесен, бидејќи сфатил дека коалиционата грчка влада за да се задржи на власт „веќе не води сметка за националните интереси“. Паралелно ги повикаа граѓаните да покажат смиреност и воздржаност. 

притисни ентер