Евроинтеграциите и реализацијата на приоритетите за влез во НАТО на владина седница

Состојбата и напредокот во процесот на европската интеграција, користењето и имплементацијата на фондовите на ЕУ и статусот на реализација на приоритетите за влез во НАТО е една од точките кои ќе бидат разгледани на седницата на Владата на Република Македонија закажана за утре попладне.

Како што соопштија од владината прес-служба, на седницата ќе се најде и предлог - законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Советот на Министри на Босна и Херцеговина за заемно признавање и замена на возачки дозволи, информациите за модели за подобрување на функционирањето на проектот „Отворање на Народни кујни“, како и за текот на активностите поврзани со книгите од проектот за превод и печатење на 50 универзитетски учебници кои се употребуваат на првите 10 рангирани универзитети согласно Шангајската листа за 2015 година.

Министрите на седницата ќе ја разгледаат и информацијата во врска со потребата од склучување на Анекс кон Договорот за доделување на државна помош склучен со Владата на Република Македонија и компанијата корисник на ТИРЗ Штип „Џонсон Контролс ДООЕЛ Штип“.

Министрите, во рамки на седницата, се наведува, ќе ја разгледаат и информацијата за изменување и дополнување на Спогодбата помеѓу Владата на Република Македонија и Европската Комисија за финансирање во однос на повеќегодишната Оперативна програма „Регионален развој“. 

Полицијата ќе едуцира за „Лето без пожари“

Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи Скопје од денеска почнува со кампања и превентивни активности за реализација на проектот „Лето без пожари“.

Активностите ќе почнат напладне на паркингот кај „Свети Пантелејмон“ - Горно Нерези, на падините на Водно и ќе се реализираат на тој начин што полициски службеници по случаен избор ќе сопираат патнички моторни возила и на возачите ќе им укажуваат за ризиците од појава на пожар и штетите од евентуалната појава на истиот.

Од МВР информираат дека активностите ќе продолжат во текот на летниот период со превентивно делување со цел намалување на пожарите предизвикани од невнимание од страна на граѓаните, преку подигање на свеста во однос на заштита и зачувување на зелените површини, како и подобрување на личната и севкупната безбедност на граѓаните. /МИА

Масовна средба на лица со телесен инвалидитет

Седма масовна средба на лица со телесен инвалидитет ќе се одржи денеска во дворот на Центарот за ортотика и протетика „Славеј“ во Скопје, во организација на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија.

Се очекува на средбата да бидат присутни повеќе од 300 лица со телесен инвалидитет од целата држава.

Масовната средба се организира под мотото „Сплотени, достоинствени и силни“. Под тема на средбата се активностите за измена и дополнување на Правилникот за индикации за остварување на право на ортопедски и други помагала.

Главен покровител на „Масовната средба 2018“ е Центарот за ортотика и протетика „Славеј“, кој ќе го обезбеди и организира просторот во нивниот двор, заедно со тематските и забавните содржини. Град Скопје го обезбедува автобускиот превоз на учесниците од внатрешноста на Македонија, а Мобилност Македонија од средствата од Министерството за труд и социјална политика за спроведување на програмските активности за 2018 година го обезбедува превозот со автомобили и комбиња за лица кои не можат да користат автобуски превоз или немаат организиран автобуски превоз. /МИА

Почнува реконструкцијата на планинарскиот дом на Водно

На врвот на Водно денеска ќе почне реконструкцијата на планинарскиот дом, информираат од Град Скопје.

На настанот ќе присуствува скопскиот градоначалник Петре Шилегов. /МИА

притисни ентер