Тозија: Немаме никаков продукт од серијата „Македонија“, не се знае каде се парите

Агенцијата за филм нема добиено серија, нема добиено документи, ниту известувања каде се потрошени парите што се веќе уплатени за првата серија од серијалалот „Македонија“, односно 80 отсто од 68 милиони денари.

Ова денеска го соопшти директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, во врска со телевизиската серија „Македонија“, за која како што рече, е многу специфичен случај во македонската телевизиска продукција и е најскапа серија што некогаш е испорачана во историјата на македонската кинематографија, вредна 4,6 милиони евра.

- Договорот за серијата изнесува 4,6 милиони евра. Првата серија е финансирана со една уплата од 80 отсто, што не е вообичаено и не е стандардно за филмска индустрија и ТВ серии. По нашата преписка со продуцентот престаната е комуникацијата, нема никакви одговори од негова страна, и одлучено е Владата да донесе одлука да се раскине договорот и да се бара поврат на средствата, рече Тозија.

Рокот за испорака на првата сезона од 14 епизоди требало да биде 4 септември годинава, но се уште ништо не е испорачано. Тој истакна дека финансиската полиција и обвинителството веќе покренале истрага за случајот.

Според него, Законот за филм е променет само за да ги задоволи барањата на конкурсот за оваа серија, односно тој е изменет во делот каде што се вели финансирање филмови и други аудио-визуелни дела, каде што спаѓа и оваа серија.

- Максимумот што може да се исплати за филм е до 62 милиони денари, а за овие аудио-визуелни дела, каде што спаѓа и оваа серија, нема лимит, вели Тозија.

Агенцијата за филм четири месеци по извршените измени и дополнувања на законот за филмска дејност, на ден 25.11.2017 година објави Конкурс за прифаќање на проекти по Конкурс за проекти за организирање домашни фестивали и други филмски визуелни дела - играна серија, без притоа да се наведат условите во Конкурсот согласно Законот за филмска дејност.

Согласно Конкурсот, одобрено било финансирање аудио-визуелно дело, играна серија „Македонија“, и одобрени биле средства од 6,4 милиони евра. За проектот досега се исплатени средства во износ од 68 милиони денари за првата сезона. Содржината на објавениот конкурст е нејасна, а наредбата за објава на конкурост е издадена од неовластено лице. Продуцентот кој ја има добиено финансиската поддршка, како правно лице е основан на ден 3.12.2015, односно осум дена по објава на Конкурсот. Исто така не е обезбедена финансиска гаранција за реализирање на проекти, согласно законот за филмска дејност.

Агенцијата за филм се согласила продуцентот да учествува во кофинансирање на проектот со 17 милиони денари, но во Агенцијата не е доставена потврда за сопствено учество на продуцентот Друштво за филмска и видео продукција Јадран Филм ДООЕЛ Скопје, која е наведена во апликацијата за проектот.

Како што претходно објави МИА, во почетокот на месецот, портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, информираше дека биле префрлени дел од планираните пари, 1,2 милиони евра, но првата сезона од серијата ниту била снимена ниту испорачана во согласност со утврдениот термин. Тогаш Владата донесе одука останатиот дел од вкупно планираните пари 4,6 милиони евра, воопшто да не ги префрла на продукциската куќа. Продуцентот Виктор Грубишиќ од „Јадран филм“ тогаш реагираше дека „Владата е погрешно информирана“ и ги отфрли како потполно невистинити тие наводи.



Анкета на ЦРПЦ: Давкова пред Пендаровски, Таравари и Османи во тесна трка

Центарот за Политички Истражувања и Комуникации (CRPC), во соработка со Здружението за новинарство, информирање, комуникации и маркетинг услуги “Глас на вистината” спроведе анкета во пресрет на Претседателските избори.

На прашањето за кој кандидат би гласале на претседателските избори граѓаните со одговор: За кандидатот од ВМРО ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова би гласале 20,4% од испитаниците, а за нејзинот главен конкурент актуелниот претседател Стево Пендаровски од СДСМ својот глас би го дале 16,8% од анкетираните.

Во албанскиот политички блок Арбен Таравари од коалицијата „ВРЕДИ“ според направената анкета води пред Бујар Османи од европскиот фронт предводен од ДУИ.

Па така за Таравари би гласале 7,9% од испитаниците, за Османи пак 6,9% од анкетираните. За Максим Димитриевски од ЗНАМ пак својот глас би го дале 2,7 % од анкетираните, додека за Билјана Ванковска од Левица би гласале 2,6% од испитаниците. За

кандидатот Стевчо Јакимовски од ГРОМ би гласале 1,2% од анкетираните. 18,2% одговориле дека нема за никого да гласаат, а 23,2% не дале никаков одговор.

Анкетата е спроведена телефонски во периодот од 08 до 13 април годинава врз 1210 испитаници избрани според случаен метод. Истражувањето беше спроведено на ниво на цела територија на Република Македонија, а запазени се етничкиот состав, бројот на гласачи, и географската распределба.

Маргина на грешка +-3,0%. Резултатите од спроведената анкета, заедно со обработката на податоците се презентирани подолу на графички приказ Истата анкета ја имате достапна и на онлајн платформата на Центарот за политички истражувања и комуникации .

Анкета на ЦРПЦ за парламентарните избори: ВМРО – ДПМНЕ води пред СДСМ, во предност и албанската опозиција пред ДУИ

Центарот за Политички Истражувања и Комуникации (CRPC), во соработка со Здружението за новинарство, информирање, комуникации и маркетинг услуги “Глас на вистината” спроведе анкета во пресрет на парламентарните избори. На прашањето за која партија би гласале на парламентарните избори граѓаните со одговор: За ВМРО-ДПМНЕ својот глас би го дале 22,8% од анкетираните, додека за СДСМ 16,3% од испитаниците.

Во албанскиот политички блок разликата доста помала. За албанската опозиција предводена од коалицијата „ВРЕДИ“ би гласале 7,7% од анкетираните, додека за Европскиот фронт предводен од ДУИ својот глас би го дале 6,9% од испитаниците. За партијата Левица би гласале 3,9 од анкетираните. За партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски би гласале 3,2% од анкетираните. 17,6 % одговориле дека нема за никого да гласаат, а 22,6% не дале никаков одговор.

Анкетата е спроведена телефонски во периодот од 08 до 13 април годинава врз 1210 испитаници избрани според случаен метод. Истражувањето беше спроведено на ниво на цела територија на Република Македонија, а запазени се етничкиот состав, бројот на гласачи, и географската распределба.

Маргина на грешка +-3,0%. Резултатите од спроведената анкета, заедно со обработката на податоците се презентирани подолу на графички приказ

Истата анкета ја имате достапна и на онлајн платформата на Центарот за политички истражувања и комуникации .

Отворање на изложбата „Интимност и интерконекција“ во Куманово

Зимскиот салон од Штип ќе гостува во Куманово со изложбата „Интимност и интерконекција“ која ќе биде претставена во уметничката галерија во градот.

Отворањето на изложбата е вечер во 19.30 часот, а посетителите ќе имаат можност да ја посетат до 8 мај.

-Сметаме дека ваквите претставувања на изложбите на ДЛУМ се од голема важност бидејќи ДЛУМ се состои од членови од цела Македонија, велат од Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Следната поставка на оваа изложба се планира да биде во Музеј Битола.

Премиера на „Паника“ во Велешкиот театар

Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ вечерва во 21 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Паника“ на финскиот автор Мика Мулуахо, во режија на Александар Ивановски. 

Во претставата, која е дуо драма настапуваат Стефан Николовски како Лазе и Филип Христовски како Мики. Драматург на претставата е Катерина Момева а сценографија на Филип Коруновски а музиката е во избор на двајцата актери.

Како што појаснуваат од велешкиот театар, приказната е за двајца другари што се немаат видено долго време и после многу поминати години и патешествија во животот, тие се соочуваат еден со друг, си помагаат еден на друг, се провоцираат еден со друг, преку што избиваат нивните внатрешни конфликти.

-Во претставата се навлегува во најдлабоките теми на суштествувањето, прашања што го мачат секој човек кој сака да биде сакан и прифатен, а општествениот и социјален притисок наметнува стеги каде индивидуалниот идентитет се гуши, се преиспитува себеси, а преку оваа претстава сугерираме дека човек треба прво да се прифати таков каков што е, за да може да се промени. Играјќи си со жанровите, понекогаш нештата изгледаат многу трагично, а има мигови кога не ќе можете да се воздржите од смеење, поради суптилниот хумор што се провлекува низ целото дело и преку кој се релативизираат проблемите, се разобличуваат карактерите со нивните човечки мани, оправдувајќи ја нивната несовршена природа, појаснуваат од театарот.

притисни ентер