Ѕиамбирис за Канал 5: Поблиску до решение на името од било кога до сега

Македонија и Грција се поблиску до решение од било кога до сега, реално е проблемот да се реши во првата половина на 2018 пред НАТО самитот, договорот би бил пакет - за името и за се што произлегува од името, мерките за градење доверба се еден позитивен билатерален договор – ова се ставовите на Аристотелис Ѕиамбирис професорот по меѓународни односи на универзитетот Пиреа, кој за Канал 5 ги анализира последните случувања меѓу Скопје и Атина.
-Мислам дека развојот на настаните е важен, веројатно случувањата ќе доаѓаат едно по друго и дека се наоѓаме многу поблиску до решавање на прашањето со името  можеби уште од 1991-1992. Отворен е еден прозорец за договор,еден  прозорец за решение и ќе видиме во следните месеци дали ќе се затвори ова прашање. – вели за Канал 5 професорот Ѕиамбирис.

-Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, пред 20ина дена на прес конференција,  говореше за решение во првата половина на 2018, колку е веројатно ова сценарио?

-Мислам дека е многу реално, бидејќи по овој временски рок, сигурно по септември 2018 влегуваме полека полека во потенцијален предизборни периоди и во двете земји и според тоа политичката логика нема да дозволи еден таков договор. Дополнително потсетувам дека НАТО ќе има голем самит во јули и сигурно ако има решение пред овој датум, би можело НАТО да има нов член. Според тоа, и од политички и од реални и пошироко меѓународни причини ценам дека доколку има договор, ќе треба навистина да биде во првите 6 месеци од 2018, а сигурно не по септември. – објаснува професорот од атинскиот Универзитет „Пиреа“.

Нимиц е задолжен само за името, но договорот ќе ги вклучува сите останати прашања кои произлегуваат од името, за нив пак, ќе си се договорат државите меѓу себе– објаснува Ѕиамбирис за Канал 5. А како пример дека двете земји можат сами да се договорат ги споменува мерките за градење доверба.

-Целосно е сигурно дека било кој договор нема да биде само за името, туку ќе покрива и другите прашања. Но овде треба да потенцираме дека сите предлози кои биле доставени од 1991 за прашањето за името, покриваа и други прашање, а не само името, На пример, да спомена едно решение кое во Грција се нарекуваше пакет Пинеиро, во 1992, предлогот беше името New Macedonia, но се викаше пакет Пиниеиро, затоа што имаше многу работи, не само името. Сите обиди, сите посредувања на меѓународниот фактор, сите напори за постигнување договр, не го покриваа само името, туку и други прашања. Тоа ќе се случи и сега. Односно, погрешно е да мислиме дека договорот ќе биде еден ред, еден параграф и ќе вели оваа држава ќе се вика така. Тоа ќе биде еден многу поголем текст, многу поширок текст  и неизбежно ќе покрива и други прашања како што се на пример трговски производи. Имиња на трговски производи. Кажувам еден пример за да може секој да разбере. Алва, вино и слично.  – објаснува професорот за Канал 5.

-Но, во чија надлежност ќе бидат останатите прашања? – го прашавме Ѕиамбирис.

-Нимиц има конкретен мандат. Нимиц ќе достави предлог, но тука треба да биде јасно. Дали Нимиц или некој друг ќе достави предлог, договорот ќе биде меѓу двете држави. Државите ќе бидат тие кои ќе одлучат за овие прашања. И имаат право како независни држави да одлучат и за други работи , доколку сакаат, кои не се поврзани со било кој предлог кој  можеби би го доставил Нимиц. Ќе споменам нешто што е карактеристично и позитивно дека веќе постојат 13 мерки за градење доверба кои што се во тек и се работи на нив. Ова не произлезе е од некакво посредување американско, европско или на ОН. Туку е билатерален договор на две држави кои сакаат да ги подобрат нивните односи. – вели професорот.

Во однос на тоа дали општествата и политичарите од двете земји се подготвени за договор, Ѕиамбирис вели дека се ќе зависи од самото решение, кое во Грција треба да помине низ парламенот а кај нас на референдум, но верува дека веќе се созреани околностите за евентуалниот договор да добие зелено светло.


Честитка од Пендаровски по повод Денот на Mакедонската револуционерна борба

Дозволете да ви го честитам 23 Октомври ‒ Денот на Македонската револуционерна борба. 

Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври - Денот на Mакедонската револуционерна борба.

  Пред 126 години со формирањето на Македонската револуцонерна организација беа удрени темелите на организираната револуционерна борба за слобода и за создавање независна македонска држава. Беа потребни години на непрекината борба, страдања, хероизам и непокор, беа потребни Илинден 1903 и АСНОМ 1944, Референдумот на 8 септември 1991 за конечно да создадеме држава. Ние, денешните генерации, ги уживаме резултатите  на револуционерната борба ‒ живееме во слобода, во своја самостојна држава.

Секое време носи можности и искушенија. Секоја генерација има свои предизвици и цели. Нашиот предизвик е да ја направиме Република  Македонија просперитетна и почитувана, демократска и модерна. За тоа ни треба толеранција во меѓусебните односи, почит за другите, одговорност кон заедницата, грижа за животната средина и помагањето на ближните. Ни треба сплотеност без разлика на етничка, верска, политичка или каква било припадност. Не смеат да нè обесхрабруваат никакви пречки и премрежија. Го знаеме својот пат и на тој пат продолжуваме заедно.

Нека ни е честит 23 Oктомври!

СДСМ: Со СДСМ на власт, платите растат многу побрзо,

Со СДСМ на власт, платите растат многу побрзо, просечната плата во август годинава е зголемена за 3,8 отсто, на прав пат сме.

Просечната плата во август 2019 година е зголемена за 3,8 проценти, во однос на истиот месец минатата година и сега изнесува 25.127 денари. Ова е последен од низата позитивни показатели за успешноста на економските политики на СДСМ и Владата што ја предводи. 

Ваквиот раст на прoсечената плата се должи на стабилната економија, но и на растот на минималната плата, која за нешто повеќе од две години расте за 5.500 денари.

За само две години и 3 месеци СДСМ ја покачи просечната плата повеќе отколку ВМРО-ДПМНЕ за цели 7 години!

Просечната нето плата по вработен во мај 2010 изнесувала 20 798 денари, а во мај 2017,  22 889 денари, што е одвај 2 илјади денари зголемување за 7 години.

СДСМ за само 2 години и 3 месеци ја зголеми просечната плата за 2.300 денари!

Со новото предвидено зголемување на минималната плата на 14.500 денари, но и со мерката за субвенционирање на придонесите за социјално осигурување, во следниот период се очекува дополнителен и интензивен раст на просечната плата.

Сите овие параметри покажуваат дека економијата е на здрави основи и се движи во добар правец. Ваквото темпо на раст на платите обезбедуваат реални услови, до крајот на 2020 просечната плата да изнесува 30.000, а минималната плата 16.000 денари.

Граѓаните ја чувствуваат разликата и резултатите од политиките на СДСМ, кои обезбедуваат повисок животен стандард за сите граѓани и повеќе пари во семејните буџети и затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе изгуби на изборите на 12 април.

СДСМ

Центар за комуникации со јавноста

Европарламентот со вонредна резолуција за преговори со Македонија

 Европскиот Парламент денеска на дневен ред на пленарна седница треба да стави вонредна резолуција со која повторно ќе побара отворање на преговорите за членство со ЕУ за Македонија и Албанија.

Европскиот Парламент веќе се изјасни дека Скопје и Тирана треба да ги започнат пристапните преговори со Унијата, а вонредната резолуција доаѓа откако ЕУ не успеа да постигне консензус на последниот самит, пред сѐ поради противењето на Франција.

Резолуцијата треба да се најде на дневен ред на седницата во Стразбур, а дебатата ќе се одржи попладнево.

Европскиот Парламент би требало да истакне дека жали поради одлуката на земјите членки да го блокираат стартот на преговори со двете земји. Во верзијата на Социјалдемократската група се критикува „улогата на претседателот на Франција и други земји членки во овој поглед".

Пратениците се очекува да им посочат на земјите членки дека Советот треба да понесе одговорност за одлуката, да се однесува согласно сопствените заложби и да се држи до принципот на сопствени заслуги во оценувањето на земјите кандидати.

Предложените амандмани предвидуваат да ја поздрават „одлучноста на  Македонија да продолжи да напредува во реформската ЕУ агенда" како и силно да ја пофали „позитивна дипломатија на Македонија", посебно во однос на билатералните договори со Грција и Бугарија. 

притисни ентер