СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ ја манипулира јавноста со бесмислени математики, долговите се намалуваат

ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со фактот дека новата Влада предводена од СДСМ успешно и плански работи, управува и раководи со јавните финансии и затоа секојдневно пласира лажни вести и се заплеткува во лажни измислени бројки, соопштија од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ не може да се одлучи со која бројка да ги излаже граѓаните и јавноста, па манипулира со  бесмислени математики и собира раздолжувања и задолжувања.

Граѓаните и јавноста повеќе не веруваат во лагите пласирани од ВМРО ДПМНЕ партијата неплаќач на данок.

Новата Влада за само сто дена ги рационализираше трошоците и одговорно и транспарентно управува со јавниот долг, што ВМРО-ДПМНЕ го направи заради криминални интереси. Задолжувањето се одвива со помала зачестеност и по поповолни каматни стапки, што не беше случај претходно.

Со таквите успешни политики, за првпат по 2008 година јавниот долг е намален.

Граѓаните и јавноста можат многу лесно да ја следат состојбата со јавниот долг на веб страницата на Министерството за финансии и НБРМ кадешто редовно се ажурираат релевантни вистинити бројки за нивото на јавен долг.

Очајни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што 11 години ги задолжуваше и осиромашуваше граѓаните, денес да ги оспорува економските политики на Владата предводена од СДСМ која ги скрати трошоците и започна со враќање на повеќе пари кај граѓаните. 

Променливо облачно и посвежо време

Времето во Македонија ќе биде променливо облачно, ветровито и значително посвежо со повремен локален дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува северен ветер.

Утринската температура ќе се движи од 11 до 17, а  дневната од 16 до 25 степени.

УВ-индексот ќе изнесува 6.

Во Скопје променливо облачно со повремен локален дожд. Утринската температура ќе се спушти до 15, а дневната ќе се искачи до 23 степени.

Во недела се очекува повремен локален дожд, особено во јужните делови на земјава. Од понеделник до среда ќе има промена на временската состојба, така што времето ќе биде облачно и посвежо со пообилни врнежи од дожд, особено повеќе ќе бидат застапени во западните делови на земјава. /МИА

Полицијата ќе едуцира за „Лето без пожари“

Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи Скопје од денеска почнува со кампања и превентивни активности за реализација на проектот „Лето без пожари“.

Активностите ќе почнат напладне на паркингот кај „Свети Пантелејмон“ - Горно Нерези, на падините на Водно и ќе се реализираат на тој начин што полициски службеници по случаен избор ќе сопираат патнички моторни возила и на возачите ќе им укажуваат за ризиците од појава на пожар и штетите од евентуалната појава на истиот.

Од МВР информираат дека активностите ќе продолжат во текот на летниот период со превентивно делување со цел намалување на пожарите предизвикани од невнимание од страна на граѓаните, преку подигање на свеста во однос на заштита и зачувување на зелените површини, како и подобрување на личната и севкупната безбедност на граѓаните. /МИА

Масовна средба на лица со телесен инвалидитет

Седма масовна средба на лица со телесен инвалидитет ќе се одржи денеска во дворот на Центарот за ортотика и протетика „Славеј“ во Скопје, во организација на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија.

Се очекува на средбата да бидат присутни повеќе од 300 лица со телесен инвалидитет од целата држава.

Масовната средба се организира под мотото „Сплотени, достоинствени и силни“. Под тема на средбата се активностите за измена и дополнување на Правилникот за индикации за остварување на право на ортопедски и други помагала.

Главен покровител на „Масовната средба 2018“ е Центарот за ортотика и протетика „Славеј“, кој ќе го обезбеди и организира просторот во нивниот двор, заедно со тематските и забавните содржини. Град Скопје го обезбедува автобускиот превоз на учесниците од внатрешноста на Македонија, а Мобилност Македонија од средствата од Министерството за труд и социјална политика за спроведување на програмските активности за 2018 година го обезбедува превозот со автомобили и комбиња за лица кои не можат да користат автобуски превоз или немаат организиран автобуски превоз. /МИА

притисни ентер