Собраниската комисија за образование го прифати Предлог-законот за спортска академија

Собраниската Комисија за образование, наука и спорт на својата прва седница во новиот парламентарен состав го прифати Предлог-законот за спортска академија во прво читање, со заклучок да се проследи во следна фаза. Спортската академија во која средношолци се едуцираат за професионални спортисти и за идни членови на националните спортски репрезентации, од 2015/2016 година ќе биде ново државно средно училиште.

Во 2012/2013 беа отворени пет експериментални паралелки на спортска академија, во состав на спортската гимназија „Методија Митевски-Брицо“ во Скопје, за фудбал, кошарка, тенис и две паралелки за ракомет (за машки и за женски). Од новата учебна 2014/2015 година дисперзирани паралелки по овие спортови ќе бидат отворени во уште седум општини: Битола, Велес, Гостивар, Прилеп, Охрид, Струмица и во Штип. Паралелките ќе бидат пренесени во спортската академија кога таа ќе почне да функционира како посебно средно училиште.

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми на комисиската седница истакна дека целта на законот е да се даде нормативна рамка за постоечката академија да се трансформира во посебен правен субјект, во ново државно средно училиште како продолжение на досегашните експериментални паралелки. Крајната цел, рече тој, е учениците да се оспособат за постигнување врвни спортски резултати и од рана возраст да бидат членови на национални спортски селекции во фудбал, тенис, ракомет и кошарка.

- На иницијатива на Владата, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Агенцијата за млади и спорт подготвија план и програма за настава во средното стручно образование за четири спортови: фудбал, тенис, ракомет и кошарка. Крајната цел е формирање врвни спортисти и откривање нови таленти во спортот во Република Македонија, рече Адеми. Додаде дека се создала потреба тоа да се уреди во посебен закон, поради специфичностите како: критериумите за запишување ученици, проверка на учениците, реализација на наставниот процес, ангажирањето стручни лица за практичната настава, оценувањето...

Адеми напомна и дека предлог-законот овозможува спортски академии, покрај Скопје, да се отворат и во други општини ако има услови и интерес. Рече и дека предлозите и сугестиите ќе бидат разгледани во второто читање на предлогот.

Членовите на Комисијата го поддржаа предлогот оценувајќи дека тој ќе го развие спортот во Македонија, ќе изгради професионални спортисти, а потоа од нив квалификувани тренери. Посочија дека спортот е значаен за здравјето и за отргнување на младите од пороците што ги демнат.

Имаше и предлози од некои пратеници: Андон Чибишев смета дека во иднина треба да се отворат и паралелки за борачки вештини (бокс, борење, карате), Рафис Алити предложи паралеки да има во сите општини за да им бидат блиску на учениците и да се организираат летни кампови за спортски таленти од дијаспората, а Ејуп Рустеми праша дали е неопходно тренерот да познава светски јазик, односно дали е тоа поважно од знаењето за одреден спорт што треба да им го пренесе на учениците.

Талентот, а не желбата за спорт ќе биде пресуден услов за прием на ученици во спортската академија. Предвидени се и парични казни од 1.000 до 1.500 евра за академијата ако запише ученик без потребните вештини или ангажира нестручен тренер. Условите за запишување во новото државно средно училиште ќе бидат исти како и досега. Секој кандидат ќе мора да помине низ фазата на тестирање според критериумите дадени за секој спорт одделно. Проверката за секој спорт потоа ќе ја прават членовите на спортските федерации и претставници на Министерството за образование и наука.

Како и досега, соодветната федерација за секој избран ученик ќе обезбедува спортска опрема и превоз до местото на одржување на тренинзите, а за учениците кои живеат надвор од општината каде што се изведува наставата, ќе се обезбедува сместување во ученички домови.

Учениците во спортската академија и натаму ќе бидат дел од процесот државна матура и ќе може да одлучуваат дали ќе полагаат државна или училишна матура, со тоа што тие што ќе полагаат државна матура ќе може да продолжат на студии./МИА

Италијанската полиција го уапси најбараниот американски бегалец среде Ватикан

Италијанската полиција минатата недела го уапси „најбараниот“ американски бегалец кој носел три скриени ножеви на преполниот плоштад Свети Петар пред Ватикан, соопшти денеска судски извор.

Бегалецот, кој сега е во притвор, се вика Мозес Техада и е осуден како насилник од Одделението за истраги на казнено-поправните институции во државата Њујорк.

Тој е на листата на најбарани во одделот.

Италијанскиот весник „Република“ прв објави дека Техада е уапсена, а подоцна тоа го потврди и извор од правосудството.

Тој го привлече сомнежот на полицијата која го приведе и констатира дека носи ножеви долги 20 сантиметри. Плоштадот Свети Петар беше исполнет со верници и туристи додека папата Франциско одржа општа аудиенција тој ден, среда, 10 април. Засега не е познато дали Техада, која е осудена за грабеж и киднапирање, претставувала некаква закана за папата Франциско.

Инспекторите откриле дека тој неодамна пристигнал во Рим од Молдавија, а претходно престојувал во Украина. На истражителите им рекол дека во Украина бил од 2022 година, каде се борел против руските сили, пренесе „Република“. Италијанските власти сега чекаат американските власти да одлучат дали ќе бараат негова екстрадиција.

Меган Фокс покажа како изгледа без шминка (ФОТО)

Меган Фокс објави фотографија на Инстаграм на која позира без шминка.

Нејзината објава за еден ден им се допадна на повеќе од милион луѓе.

„Многу си поубава без шминка“, „Прво мислев дека ова е Ким Кардашијан“, „Некои изгледаат исто со и без шминка. Меган е една од нив“, „Одлична фотографија“, „Треба да си без шминка почесто“, ѝ пишувале луѓето во коментарите.

Инаку, Меган неодамна ја промени фризурата. Откако извесен период се појавуваше во јавноста со розова коса со средна должина, сега има екстензии во тиркизна боја.

На следбениците им се допадна нејзината промена. „Одам на фризер со твојата слика“, „Секоја фризура ти стои убаво“, „Косата ти прилега со очите“, „Сега морам да ја фарбам и косата“, ѝ рекле.

Инаку, 37-годишната актерка многумина ја сметаат за една од најубавите жени на светот.

Ограбена менувачница во Чаир, крадците го одзеле сефот со пари

Неколку лица со употреба на сила и погоден предмет вчера влегле во менувачница на подрачје на Чаир и одзеле сеф со пари, по што заминале со патничко возило „фолксваген џета“ без регистарски ознаки.

Како што соопшти МВР, кражбата вчера во СВР Скопје во 10:15 часот ја пријавил сопственикот на менувачницата, М.Д.(42) од Скопје, а се случила околу 04.20 часот.

По преземени мерки и активности, возилото било пронајдено на паркинг простор на подрачје на Чаир.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

притисни ентер