Јанкулоска: Борбата против организираниот криминал бара соработка меѓу државите

Успехот во борбата против организираниот криминал како комплексна закана која ги надминува националните граници покрај мултидисциплинарниот пристап денес е исклучително зависен и од градење интегрирани механизми за соработка помеѓу државите и меѓународните институции. Досегашната пракса покажа дека целосно документирање на една операција е можно само со водење на заеднички меѓународни истраги и непосредна размена на податоци со вклучување на надлежните институции од сите земји учеснички во операциите.

Ова го истакна денеска во Центарот за обука во Идризово министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска по повод започнувањето на четвртиот модул за регионална обука на тема „Броба против организиран криминал и трговија со дрога“ во рамките на програмата „Партнерство за едукација“ на кој присуствуваше и амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс.

Според неа, геостратешката положба на Македонија и на сите држави од регионот се поклопуваат со тkн. балканска рута која е една од алките во глобалниот синџир за транспорт на дрогата и криумчарењето мигранти, а формата и видовите криминални активности во кои се вклучени организираните криминални групи е најразновиден.

- Според релевантните меѓународни институции како што е Еуропол и како што е наведено во Проценката за закана од организиран и сериозен криминал за 2013 година во овој момент во ЕУ дејствуваат околу 3600 транснационални организирани криминални групи. Хиерархиските структури на овие групи се флексибилни во однос на нивното раководење. Покрај традиционалните етнички, лингвистички и историски врски кои остануваат да претставуваат фактор во делувањето, сепак криминалните групи се повеќе стануваат хетерогени и мултинационални поради што се потешко го прави нивното следење и проценката за закана од нивното дејствување, рече Јанкуловска.

Таа додаде дека трговијата со дрога останува најважниот и најдинамичниот криминален пазар за овие организирани криминални групи, а 30 отсто од нив се вклучени во наркобизнисот. Токму затоа, посочи земјите од овој регион претставуваат посебен оперативен фокус, а овие факти се потврдуваат преку соработката на македонската полиција со полициските служби во регионот и пошироко за бројни случаи изминатиов период.
- Поддршката во зајакнување на капацитетите на специјализираните единици за борба против организираниот криминал преку полето на едукација и градење меѓусебна доверба денес претставува најсигурна инвестиција во иднината на една држава и идните генерации. Најдобар пример се операциите Босфор и Диригент кои придонесоа македонската полиција да се промовира во релевантен меѓународен партнер, рече Јанкулоска.

Таа прецизира дека во акцијата Босфор од 2008 до 2010 година вкупно биле запленети околу 360 килограми хероин чија вредност е проценета на приближно 15 милиони евра, а кривично беа пријавени 40 лица. Додека во акцијата Диригент која македонската полиција ја реализира заедно со австриските и германските полициски служби беа запленети околу 200 килограми хероин, два килограми кокаин со вкупна вредност од околу 10 милиони евра, а во трите земји беа уапсени 120 лица инволвирани во наркотрговијата.

Американскиот амбасадор Волерс го поздрави учеството на полициските служби од Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и Хрватска на оваа регионална обука на која се очекува да бидат разменети искуства во борбата против организираниот криминал и да ја подобрат оперативната соработка меѓу земјите во овој контекст.

- Ги повикуваме полицијата и Обвинителството како и сите граѓани да работат едни до други во борбата против сите форми на организиран криминал. Сите имаат важна улога за унапредување на владеење на правото во општеството. Оваа регионална иницијатива претставува уште еден придонес во нашите континуирани напори да ви помогнеме во зацврстувањето на вашите веќе функционални полициски тимови и го поздравуваме изнаоѓањето нови начини за соработка против меѓународниот организиран криминал и нарко криминалот, рече Волерс.

Обуката е во организација на Амбасадата на САД во Скопје и програмата ИЦИТАП Македонија, заедно со американската амбасада во Хрватска и македонското Министерство за внатрешни работи. /МИА

Честитки и поддршка за Сиљановска – Давкова од „Меѓународна демократска унија – IDU“

Честитки и поддршка за Сиљановска – Давкова од  Меѓународната алијанса на центар – десно ориентираните партии – „Меѓународна демократска унија – IDU“.

Денеска, 25 март (четврток), благодарност за поддршката од Меѓународната демократска унија (International Democracy Union) – IDU изрази професорката Гордана Сиљановска-Давковка, истакнувајќи дека заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи и понатаму да се залага за гаранција за правата и слободите на граѓаните, за демократијата и за владеењето на правото.

Исто така од Меѓународната демократска унија (International Democracy Union) – IDU беа упатени честитки по повод победата на проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова во првиот круг од Претседателските избори, со уште поголема поддршка за успех и во вториот круг.

Во јавно упатената поддршка до проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова на социјалната мрежа Х од 23 април 2024 година, непосредно пред одржувањето на првиот круг од Претседателските избори, се вели:

„Меѓународната демократска унија им посакува успех на ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка за претседател на државата, Проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, во првиот круг од претстојните Претседателски избори. ВМРО-ДПМНЕ е секогаш непоколеблив промотор на центар-десничарските политики и на одговорното владеење во Македонија“ .

Меѓународната демократска унија – IDU е алијасна на центар – десно ориентираните партии со седиште во Минхен, која има за цел дијалог и поврзување меѓу десничарските партии во светот. ВМРО-ДПМНЕ е една од 87 политички партии кои членуваат во IDU, соопштуваат од тимот на Силјановска -Давкова.

Бизнисот не очекува нов ценовен бран по дестабилизација на цените на нафтата на светските берзи

За сега нема индикатори за нов ценовен бран – оценува бизнисот, по дестабилизацијата на цената на нафтата на светските берзи... 

Дестабилизацијата на цената на нафтата на берзите не се очекува да предизвика нов ценовен бран во Македонија, смета извршниот директор на Стопанска комора, Антони Пешев. Според него и да има зголемување на вредноста на нафтата, тоа нема многу да влијае врз цената на храната во земјава. Причина за тоа се поразителните информации дека земјава изминативе години повеќе увезува храна, отколку што има домашно производство.

„За разлика од минатите бранови, ако конкретно ме прашувате за државните резерви во САД, кои се највисоко ниво. Тоа значи дека имаме една промена. Македонија одамна го следи ритамот на пазарите во светот. Ионака, храната се повеќе и повеќе доаѓа од надвор. Македонија има се помалку производство, а се повеќе увоз на храна. Ако се работи за увоз на храна, тогаш ние ќе ја делиме судбината со регионот. Мислам дека за оваа работа, новата Влада ќе треба да направи доста.“

Инаку, после Ковид кризата и воениот конфликт во Украина, цените на храната Македонија забрзано растат. Показател за тоа е што трошоците за живот на едно просечно семејство за само 4 месеци е зголемено за 50 евра. Тоа во реалноста значи дека на едно четиричлено семејство, да може најскромно да го „протурка“ месецот, сега му се потребни 60.000 денари.

Првиот круг од изборите во Македонија во фокусот на регионалните и светските медиуми

Резултатите и текот на првиот круг од претседателските избори беа во фокусот на вниманието и на регионалните и светските медиуми кои детално известуваат за исходот... 

Лакмусов тест за парламентарните избори за две недели., вака поголем дел од светските медиуми го анализираат вчерашниот епилог од првиот круг претседателски избори. Угледниот „Ројтерс“ пишува дека гласањето за главно церемонијалната улога на функцијата претседател, е прв конкретен знак за порастот на фрустрацијата кон владеачката партија, која настојувала да обезбеди пристап во Европската Унија. Очекувано, најголем простор на изборите даваат бугарските телевизии со генерално коректен тон на известување.

-Вториот круг ќе одлучи кој ќе биде следниот претседател на Македонија. , јави Нова.бг

-Силјановска доби 40,8% од гласовите, а Пендаровски 19,93. Кандидатот на опозицијата не го криеше изненадувањето пред своите приврзаници кои го прославија резултатот низ скопските улици. Искрено, не очекував толкава разлика., објавува бугарската национална телевизија

Првиот круг најде одек и во грчките медиуми. Со наслов, десничарската опозиција води пред вториот круг на 8 мај, Катимерини пишува дека популарноста на ВМРО-ДПМНЕ во последните години пораснала како резултат и на гневот на јавноста поради бавното темпо на пристапувањето во ЕУ и корупцијата. Грчкото издание на „Еуроњуз“ пак го истакнува различниот пристап на двете македонски опции во однос на бугарските барања.

-Двајцата кандидати се согласуваат за европската перспектива на Македонија, но не се согласуваат за начинот како да се справуват со ветото на Бугарија. , објавува „Еуроњуз“ на грчки јазик

Српски РТС се осврнува и на како што наведува двобојот на албанките опции, победата на Османи и славјето пред соперничкиот штаб, а хрватски ХТВ на евроинтегративниот пат и уставните измени како услов.

притисни ентер