МАР бара регулирање на давачките што ги плаќаат концесионерите

Македонската асоцијација на рударството - МАР смета дека треба да се води сметка за давачките кои ги плаќаат концесионерите за да не се предизвика несигурност кај инвеститорите, особено кај оние во големите рудници.

- Со новиот Закон за минерални суровини воведена е нова давачка која предвидува, доколку постоечкиот концесионер сака да продаде удел од својата концесија, да треба да плати 7 проценти од вредноста на проценетата концесија. Гледано од страна на државата, можеби тоа е исправно, но е нова давачка чие воведување можеби не е соодветно во време кога имаме подем на рударството, рече претседателот на МАР Николајчо Николов на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека воведувањето на новата давачка веројатно ќе придонесе за намалување на бројот на инвеститорите во рудниците.

- Тешко е да се изгради рударско претпријатие, бидејќи за помала инвестиција се неопходни 50 до 60 милиони долари, а за поголема и 500 до 600 милиони. Кога станува збор за суровини кои се на границата на рентабилноста, прашање е дали инвеститорите би се осмелиле да вложат толку многу пари, рече Николов.

Тој нагласи дека рударството во Македонија зазема се позначајна улога во вкупното стопанство и од 2005 година наваму бележи постојан подем. Во 2013 година вкупното производство во овој сектор е поголемо за 3,4 отсто во споредба со претходната година.

- На нас како Асоцијација на рударството, но и на Министерството за економија, треба да ни биде задача да внимаваме како и на кому ги доделуваме концесиите, рече Николов.

Во последните 10-тина години во Македонија, додаде, се отворени поголем број рударски компании кои се занимаваат со ископ на камен наменет за градежништвото, но се уште не е регистрано поголемо претпријатие за преработка на метални минерани суровини.

Потпретседателот на МАР, Шефки Алити истакна дека каменоломите се соочуваат со проблеми и зголемени трошоци на работа пред се поради повисоката цена на нафтата, а особено поради двојно повисоката цена на електричната енергија во последните две години и заострените критериуми на ЕВН Македонија за наплата на долговите за струја.

- Во последно време се отворени многу каменоломи од кои само некои работат добро, а другите делумно. Неопходно е да има поголем број странски инвеститори за нормално да работат сите каменоломи, рече Алити.

Во рударството и вадење камен во 2013 година бројот на активни компании изнесува 164 од кои 129 се каменоломи. Во овој сектор лани вкупно биле вработени 10.041 работник или 1,6 отсто од вкупниот број вработени во земјава, а е реализиран извоз од 215,5 милиони долари пред се во соседните земји.

Во првите три месеци од годинава физичкиот обем на производство има намалување од 0,5 отсто што се смета за нормално во зимскиот период од годината, а реализиран е извоз од 55 милиони долари./МИА.

Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович.

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други.

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија.

Единаесет лица се повредени во сообраќајка на бугарски автобус во Турција

Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.

Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.

На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.

Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници. /МИА

Сообраќајот тековно и без застои

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 01.04.2024 е пуштен за сообраќај за сите видови возила со вкупна тежина до 3.5 тони.

притисни ентер