Познат убиец вечерва екстрадиран во Македонија

Според објавените информации, станува збор за лице кое треба да одлежува казна за убиство што го извршил пред повеќе години.
Познат убиец доцна вечерва бил екстрадиран во Македонија, објави Press24, повикувајќи се на полициски извори. Според објавените информации, станува збор за лице кое треба да одлежува казна за убиство што го извршил пред повеќе години. Од полицијата не сакаат да изнесат никакви детали.
Потврдуваат дека имале поголема акција за спроведување вечерва, но не откриваат за кого станува збор.

Извори на Press24 од истражниот затвор во Шутка кажале дека голем број полициски автомобили вечерва пристигнале таму. Никој не знаел кој осуденик е доведен, но низ затворот се шпекулирало дека станува збор за познат убиец по кого полицијата трагала долги години.

Press24 ја проверил информацијата и на скопскиот аеродром. Од таму потврдиле дека вечерва имало големо присуство на полициски службеници но откриваат информации кој осуденик е доведен. 

Традицонално искачување на Титов Врв

Традиционалното 37-мо искачување на „Титов Врв“ во организација на планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово по маркираната патека „Вакуф“ почна утрово во 6:30 часот од платото пред хотелот „Попова Шапка“.

Традиционалното 37-мо искачување на „Титов Врв“ во организација на планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово по маркираната патека „Вакуф“ почна утрово во 6:30 часот од платото пред хотелот „Попова Шапка“ и се очекува пешачењето до највисокиот врв на Шара да трае околу четири до 4,5 часа.

Патеката, велат организаторите, е средно тешка и има вкупна должина од 14 километри во еден правец и висинска разлика од 1.047 метри. Се движи по тревна површина, по каменит предел и е делумно покриена со снег.

- Патеката е маркирана со класична планинарска маркација, дополнета со знаменца. Сите учесници ќе бидат распоредени помеѓу челото и крајот на колоната, помеѓу кои ќе има водичи на клубовите кои носат видливи ознаки за препознавање (на ранците ќе имаат акредитации со ознака организатор), посочуваат организаторите.

По кратката пауза на врвот, додаваат, планинарите ќе се вратат на Попова Шапка, околку 14 часот каде ќе бидат посужени со чај од „Пријателите на Шара“со што настанот официјално ќе биде затворен.

За искачувањето е потребно да се користи стандардна планинарска опрема за движење во зимски услови. Исхраната е сопствена, индивидуално предвидена за планинарска тура до 10 часа. Секој од учесниците треба да биде во добра психофизичка кондиција. 

Оваа година се очекува бројот на искачени планинари да биде над 800.  За турата има пријавени панинари од Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Косово, БиХ, Хрватска и Словенија. /МИА

Почнува 6. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“

Шестото издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ќе биде отворен вечерва во Скопје.

Петмина актуелни писатели од исто толку земји од Балканот ќе и бидат претставени на публика.

Добитникот на наградата за авторски придонес во балканската литература „Прозарт“, српската легенда Светислав Басара нема да биде во нивно друштво. Од здравствени причини тој не можеше да допатува во Скопје.

За делата на Басара, Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина, Афер Тунч од Турција и Јуриј Худолин од Словенија ќе говорат македонските писатели Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.

Фестивалот ќе го отвори директорот Дејан Трајкоски, а модератор ќе биде Ана Јовковска.

Гости на отворањето ќе бидат и тројцата членови на „Скопје фелоушип“ програмата – Џон О’Брајан, основачот на „Далки архив прес“ од САД, Јанике Ритер, уредничка на „Зуркамп“ од Германија и Назлиџан Кабаташ од „Калем“ од Турција.

На вториот фестивалски ден утре во ЕУ Инфо-центарот ќе се одржи тркалезна маса „Балканските класици во европската литература: (не)визибилност во 21 век“.

Ќе учествуваат гостите писатели и членовите на „Скопје фелоушип“ програмата.

Веќе традиционално, фестивалот организира средба на гостите автори со своите читатели во книжарницата „Икона“ во Скопје сити мол, закажана за 28 мај.

Тројцата врвни издавачи од „Скопје фелоушип“ ќе се сретнат и со македонски писатели и издавачи и ќе имаат можност да воспостават идни соработки.

Фестивалот ќе биде затворен на 29 мај во Даут-пашиниот амам во кога писателите ќе читаат извадоци од своите дела.

„ПРО-ЗА Балкан“ и оваа година е во организација на издавачката куќа „Икона“.

Фестивалот е поддржан е од Министерството за култура со 200.000 денари, од ТРАДУКИ, Делегацијата на ЕУ, амбасадите на Словенија и на Хрватска и од Словенечката агенција за книга. /МИА

Свечена академија по повод 1000 години од основањето на Охридската архипеископија

Централната свеченост во рамки на манифестациите по повод одбележувањето на Илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија ќе се одржи вечерва од 18:30 часот во катералната црква „Света Софија“ во Охрид.

На Свечената академија по повод значајниот јубилеј е предвидено обраќања да имаат поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија владиката Тимотеј, претседателот на државата Ѓорѓе Иванов како и премиерот Зоран Заев.

Свеченоста ќе биде збогатена со пригоден концерт на Камерниот оркестар на Филхармонијата во чии рамки ќе настапат и хоровите од братствата на манастирите „Рајчица“ и „Свети Јован Бигорски“, под дирегентска палка на маестро Борјан Цанев. На програмата се преработки и аранжмани на композиции со тематика од македонските тропари.

Во рамки на манифестацијата во галеријата на „Света Софија“ ќе биде отворена и изложба на уметнички портети на македонските архиепископи.

Одбележувањето на милениумското постоење на Охридската архипеископија почна синоќа со концертот на женскиот црковен камерен хор „Света Злата Мегленска“ во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Чествувањето на јубилејот продолжува утре со празнична златоуста литургија од 9:00 часот во „Света Софија“ со која ќе чиноначалствува архиепископот Стефан во сослужение на членовите на Светиот синод на МПЦ. Се очекува на литургијата да присуствуваат и претставници на највисокото државно раководство.

Милиениумското опстојување на Охридската архиепископија, како еден од најзначајните јубилеи за македонската држава и народ, ќе биде одбележано со бројни културни, научни, академски, образовни и спортски настани, организирани на локално, но и на највисоко државно ниво.

Активностите се распределени да се одржуваат се до крајот на календарската година, во чии рамки се предвидени ликовни колонии, промоција на научни дела, поштенски марки, монети, училишни конкурси, издавање значајни публикации, организирање научни академски собири, па и спортски активности осмислени да го привлечат вниманието на пошироката јавност. /МИА

притисни ентер