Десеттиот „Танц-фест“ завршува со гостување на „Интроденс“ од Холандија

Холандскиот танцов ансамбл „Интроденс“ со проектот „Суперѕвезди“ (Superstars) утревечер во Македонскиот народен театар ќе го затвори 10. фестивал за современ танц „Танц фест“. На завршната вечер, со која фестивалот ќе го заокружи деценискиот јубилеј, танчарите од Холандија ќе се претстават со пет танцови проекти на врвни кореографи.

Вечерта ќе почне со балетот со 12 играчи „Полски парчиња“ на кореографот Ханс ван Манен, годинашен добитник на наградата „Менада“, а потоа ќе следуваат: „Вечерни песни“ - креиран на хорска музика од Дворак, лиричниот балет „Без танц“ на шведскиот кореограф Матс Ек, балетот „Anaphase“ на Израелецот Охад Нахарин и „Симфонија Индија“ од Начо Дуато, создаден на музика на композиторот Карлос Чавез, инспирирана од ритуалните танци на мексиканските Индијанци.

Уметничкиот директор на „Танц-фест“ Рисима Рисимкин на прес-конференција денеска рече дека е задоволна од годинашното издание на фестивалот, посебно што првпат се одржа меѓународен натпревар за млади кореографи (Танцова лабораторија) кој, рече таа, бил освежување на фестивалот.

- Во изминатите десет години на „Танц-фест“ имаше сто различни продукции, на различни локации и поминаа над илјада врвни уметници. Во Македонија дојде врвот на танцовата европска сцена, националните балети на повеќе земји кои направија пресврти во сфаќањето на танцот овде, така што добивме истенчен вкус за танцот, истакна Рисимкин.

„Танц-фест“ има силна врска со Холандија, не само преку учествата на холандски танчари, туку и низ соработката на скопската Танцова академија со Балетот од Ротердам, а седум години фестивалот е поддржуван од Холандската амбасада во Скопје - од сегашната амбасадорка Мариет Шурман и нејзината претходничка, амбасадорката Симоне Филипини.

Поради тоа, „Танц-фест“ утревечер ќе и врачи специјална награда „Менада“ на Шурман, која за ансамблот „Интроденс“ рече дека е меѓу најдобрите во Европа, а покровител му е принцезата Маргарита.

Утрешното гостување се совпаѓа со одбележувањето на нивниот национален празник - роденденот на холандскиот крал Вилем Александер, кој лани го наследи тронот по абдицирањето на неговата мајка, кралицата Беатрикс.

- По сто години владеење на жени, од минатата година имаме владетел. Одбележувањето на роденденот со холандскиот ансамбл ќе биде подарок за луѓето од Македонија и симболичен гест за обединување на луѓето од Македонија и Холандија. А нема подобар симбол за обединување од современиот танц. Тој ги поврзува луѓето и преку границите и различните јазици. Современиот танц е голем извозен производ на Холандија, рече Шурман.

Рисимкин информираше дека завршната вечер на годинашниот „Танц-фест“ ќе биде изненадување за публиката зашто ќе почне со перформанс уште на влезот на Македонскиот народен театар.

Бонмати и Ѓоковиќ добитници на спортските оскари за 2023

Шпанската фудбалерка Аитана Бонмати и српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се добитници на наградата Лауреус, таканаречените Оскари за најдобра спортистка и спортист во 2023 година.

Минатата година Бонмати беше избрана за најдобар играч во изборот на ФИФА, а беше прогласена и за најкорисен играч (МВП) на Светското првенство на кое Шпанија ја освои шампионската титула.

Новак Ѓоковиќ ја освои наградата Лауреус по петти пат во кариерата, откако минатата година освои три од четирите грен - слем турнири (Австралија Опен, Ролан Гарос, УС Опен) и играше во финалето на четвртиот (Вимблдон).

Спортистите за наградата Лауреус се номинирани од претставници на светските медиуми, а победниците ги избираат 69 членови на Светската спортска академија Лауреус. Наградата е основана во 2000 година.

Добитници на наградата Лауреус за 2023 година:

Спортистка на годината: Аитана Бонмати

Спортист на годината: Новак Ѓоковиќ

Тим на годината: Шпанска женска фудбалска репрезентација

Најголем напредок: Џуд Белингем

Повратничка на годината: Симон Белс

Најдобра спортистка со попреченост: Диде де Грот

Спортистка на година во акциски спортови: Ариса Трев

Награда за хуманитарна работа: Фондација Рафа Надал. /МИА

Гласањето на болните и изнемоштените во десетте општини од Југоистокот почна без проблеми

Најмногу болни и изнемоштени се пријавени во Општина Струмица - 356.

Вкупно 1.547 болни и изнемоштени лица денеска гласаат во првиот круг од претседателските избори во десетте општини во Југоисточниот плански регион - Струмица, Радовиш, Василево, Босилово, Ново Село, Конче, Богданци, Гевгелија, Дојран и Валандово. Гласањето се одвива без проблеми и според општинските изборни комисии се очекува да заврши во попладневните часови.

Најмногу болни и изнемоштени се пријавени во Општина Струмица - 356, а заедно со нив гласат и затвореници од Затворот во Струмица. Утрово од 07:30 почна подигањето на избирачкиот материјал и процесот тече без проблеми.

Претседателите на изборните комисии од другите општини, исто така, информираат дека гласањето се одвива нормално и без пробеми.

Во Општина Ново Село се пријавени 299 болни и изнемоштени лица, Босилово-172, Гевгелија-175, Валандово-78, Василево-186, Радовиш-123, Конче-48, Дојран-44, Богданци-66 избирачи.

Во избирачкиот список во десетте општини вкупно се запишани вкупно 147167 граѓани со право на глас, кои ќе гласаат на 273 избирачки места.

ЈСП: Јавниот превоз утре по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи

Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека утре јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.

Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.

притисни ентер