Иновациите на млади научници изложени во канцеларијата на претседателот Иванов

Четириесетина пронајдоци на ученици од основните и од средните училишта, наградени на државните натпревари за млади истражувачи, што ги организира Народна техника на Македонија, и на манифестациите МАКИНОВА и ЕКОНОВА, се претставени денеска во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија.

Претседателот Ѓорге Иванов ја посети изложбата „Наука на младите“ и ги виде проектите на младите иноватори, кои во Канцеларијата ќе биде отворена во текот на денов. На изложбата се презентирани и десетина проекти на студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Изложбата се одржува вторпат и ја организира Сојузот на здруженија за техничка култура на РМ - Народна техника, по повод Светскиот ден на науката за мир и развој.

Претседателката на Народна техника и продекан за настава на ФЕИТ Христина Спасовска истакна дека целта на настанот е на едно место да се спојат и разменат мислења најмладите истражувачи, од основното и средното образование, со нивните повозрасни колеги по иноваторство, кои студираат технички науки.

Деканот на ФЕИТ Миле Станковски се надева дека изложбата ќе биде поттик за тие што сакаат да се занимаваат со наука да се придружат во науката и високото образование да го продолжат на технички или на факултети од природните науки.

- На нашиот факултет, ФЕИТ, се работат најголем број научно-истражувачки проекти во кои учествува кадарот на факултетот, но и млади научници - асистенти, докторанди и многу студенти. Наш студент за проектот за својата дипломска работа доби златен медал и уште две плакети на МАКИНОВА оваа година, истакна Станковски.

Манифестациите МАКИНОВА и ЕКОНОВА се одржуваат во рамки на саемот ТЕХНОМА и ги организира СПАТУМ - Сојуз на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија. Претседателот на СПАТУМ и проф. на ФЕИТ Влатко Стоилков изјави дека големиот број патенти на млади научници потврдува дека Македонија има голем иноваторски потенцијал.

- По бројот на жители на државата сме прилично талентирана нација. Имаме многу патентти, пронајдоци, учествуваме на голем број меѓународни манифестации каде што добиваме и престижни признанија и награди. Нивниот број постојано расте, иако има административни пречки кои се поврзани со финансии и временски рокови. Тоа е бариера во која иноваторите тешко влегуваат. Но, ако направивме спој меѓу институциите - Државниот завод за заштита на индустриската сопственост, стопанските субјекти, мислам дека можеме да се движиме во добра насока, истакна Стоилков.

САД ставија вето на барањето на Палестинците за полноправно членство во Обединетите нации

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за „државата Палестина да биде прифатена како членка на Обединетите нации“.

Нацрт-резолуцијата претставена од Алжир, која „препорачува на Генералното собрание државата Палестина да биде примена во членството на ОН“, доби 12 гласа „за“, еден против и два воздржани.

За прием на една земја во ОН, мора прво да добие позитивна препорака од Советот за безбедност (најмалку девет од 15 гласови за него, и без вето од која било постојана членка), а потоа да биде одобрена од Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство.

Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена. И тогаш САД ставија вето.

Во ноември 2012 година, палестинската самоуправа доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.

Палестинците го ажурираа своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН на почетокот на април, укажувајќи на израелската офанзива во Газа. /МИА

Премиера на претставата „Хенгинг Араунд“ во МНТ

Во Македонскиот народен театар  вечер од 20 часот премиерно ќе биде изведена  претставата „Хенгинг Араунд“ по текст на Љупчо Јованов, во режија и адаптација на Бојан Трифуновски.

МНТ соопшти дека дејството во претставата се случува во светот на бајките, а местото и времето се ирелевантни. Главните ликови во приказната 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд) се изгубени во светот на бајките и не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа.

-Можеби се Дисмас и Гестас, но пред да ги распнат, можеби некако им избегале на Римјаните и продолжиле да го живеат својот динамичен живот, овојпат празен и лишен од средба со Спасителот. Можеби патем решиле да се смират, да создадат семејство со единствена цел, да умрат во длабока старост почитувани од пријателите и сакани и жалени од најблиските. Дали нивниот карактер, судбина, ги натерала повторно да си ја пробаат среќата и да започнат нова авантура, да влезат во нова приказна..., наведува Македонскиот народен театар.

Во претставата играат Сашко Коцев, Александар Михајловски, Стефан Спасов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Ана Стојановска, Софиа Насевска-Трифуновска и Нела Павловска.

Велигденски концерт на „Танец“

Ансамблот „Танец“ вечер во Националната опера и балет ќе го одржи велигденскиот концерт „Велигден е, Ѓурѓовден е“.

Изведени ќе бидат видеоприказните „Ѓурѓе ле, Ѓурѓе, млад Ѓурѓе, да кој ти рече да дојдеш? Мене ми рече Велигден“, „Брале се, брале сватови“, „Велигден, море Велигден, в година пак да ни дојдиш“ и „Да исчистиме гревовите, да испадиме духовите“ и кореографските постановки „Ѓурѓовденка“, „Мариовска тресеница“ и „Свадба“.

„Танец“ премиерно ќе ја изведе и најнова кореографска постановка „У ливаду“ од 2023 година.

Во рамки на програмата ќе бидат емитувани тематски видеоинтермеца, за чија изработка се користени материјали од архивите на МРТ, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, Музеј на Македонија и Кинотека на РМ.

притисни ентер