Македонија празнува – честит 11 Октомври

Република Македонија денеска одбележува 72 години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна.

На 11 Октомври 1941 борците од Првиот прилепски партизански одред го нападнаа бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, што го означи почетокот на организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за ослободување на земјата. Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.

Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во добро организирана 110- илјадна армија со воени формации од највисок ранг како корпуси и дивизии.

За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети. Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.

Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а 20 години како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година и од него произлезениот Рамковен договор, Македонија, која е полноправна членка на Обединетите нации, денес е на патот кон евроатлантските интеграции, кои засега се блокирани од Грција, која не го прифаќа нашето уставно име.

Во Собранието денеска ќе им биде врачена државната награда „11 Октомври“ на годинашните добитници - економистот и дипломат Срѓан Керим за животно дело во областа на науката и образованието, на ликовниот уметник Решат Амети за животно дело во областа на културата и уметноста и на новинарот и публицист Драгослав Аргировски за животно дело во областа новинарството и публицистиката.

По повод празникот, бројни делегации ќе положат цвеќе на спомениците и паметниците на народните херои.

Делегација на АРМ предводена од началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, по повод Денот на востанието ќе положи венец со цвеќе на споменикот на Методија Андонов - Ченто во Прилеп.

Во рамките на одбележувањето на 11 Октомври во центарот на Прилеп ќе биде поставена изложба на борбени средства, техника и опрема на АРМ. Тактичко - техничкиот збор ќе можат да го посетат граѓаните на Прилеп и Република Македонија, каде покрај материјално-техничките средства и борбените возила и вооружувањето на АРМ, ќе бидат прикажани и службени кучиња, како и боречки вештини и вежби со спуштање по јаже од страна на припадниците на полкот за специјални операции на АРМ.

Во чест на празникот во Скопје делегации на ГШ на АРМ ќе положат венци со цвеќе на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Клигоров, на гробот на генерал Михаило Апостолски, на споменикот на Методија Андонов - Ченто и на споменикот на хероите.

Во текот на неделава, по повод 11 Октомври - Денот на востанието, во гарнизоните на АРМ беше организирана акција за доброволно дарување на крв, на која крв даруваа 150 припадници на АРМ.

Седумдесет и втората годишнина од македонското народно востание синоќа беше одбележана со свечена академија во Македонскиот народен театар, на која се обрати претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. /МИА/

Амбасадата на САД во Израел им порача на вработените и на семејствата да ги ограничат движењата

Амбасадата на САД во Израел денеска им порача на своите вработени и нивните семејства да ги ограничат своите движења по извештаите дека Израел извршил напад врз цели во Иран.

„По извештаите дека Израел извршил одмазднички напад во Иран, вработените во американската влада и членовите на нивните семејства се ограничени од лични патувања надвор од поголемиот дел од Тел Авив, Ерусалим до понатамошно известување“, се вели во безбедносното советување објавено од Амбасадата на нејзината веб-страница. /МИА

ДКСК повторно ќе постапува по приговорот на Силјановска-Давкова за кршење на изборните правила

Според приговорот на Силјановска - Давкова доставен на 6 април до ДКСК, АСЈО спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители. 

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска на седница повторно ќе постапува по приговорот од претседателскиот кандидат Гордана Силјановска - Давкова во врска со полагањата во Академијата зa судии и јавни обвинители (АСЈО) „Павел Шатев” за време на предизборниот процес.

Приговорот од Силјановска - Давкова најпрво беше поддржан од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд. По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот е вратен во ДКСК на повторно постапување.

Според приговорот на Силјановска - Давкова доставен на 6 април до ДКСК, АСЈО спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители. Во образложението на приговорот пишува дека Академијата во јануари 2023 година објавила оглас за прием на 130 слушатели за идни судии и јавни обвинители, а по претходно извршените тестови за странски јазик, психолошкиот тест и тестот за интегритет, на 29 март 2024 година го објавила распоредот за полагање на квалификацискиот тест.

- Овој тест тековно го полагаат 299 луѓе, што јасно укажува дека постапката за засновање работен однос е започната и истата не е ставена во мирување, со што АСЈО ин флагранти ги прекршува Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик, пишува во приговорот на Силјановска - Давкова.

Директорката на Академијата, Наташа Габер - Дамјановска на седницата на ДКСК на 10 април рече дека процесот на тестирање на слушателите за идни судии и јавни обвинители почнал во јануари 2023 година и се уште трае.

-Воопшто датумски не се совпаѓа целиот наш процес на тестирање со рокот што е определен во законот. Нашиот процес почна во јануари 2023 година и сѐ уште трае, подвлече Габер - Дамјановска, додавајќи дека не се знае точно кога тој процес ќе заврши и оти не се работи за класично вработување.

Експлозии во Иран, американски медиуми јавуваат за израелски напади

Иранските државни медиуми утрово објавија за експлозии во центарот на Исфахан  додека американските медиуми цитираа официјални лица кои тврдат дека Израел извршил одмазднички напади врз својот главен ривал.

Системите за ПВО над неколку ирански градови беа активирани, објавија државните медиуми, откако државната телевизија соопшти дека експлозии се слушнале во близина на централниот град Исфахан.

Израел претходно предупреди дека ќе возврати откако Иран истрела стотици проектили и беспилотни летала врз Израел во текот на минатиот викенд. Повеќето од нив беа пресретнати.

Иранската новинска агенција Фарс објави дека се регистрирани „три експлозии“ во близина на воената воздухопловна база Шекари во северозападниот дел на провинцијата Исфахан, додека портпаролот на иранската вселенска агенција Хосеин Далиријан изјави дека „неколку“ беспилотни летала биле „успешно соборени“.

„Засега нема извештаи за ракетен напад“, објави Далиријан на социјалната мрежа Х.

Нуклеарните постројки во Исфахан се пријавени како „целосно безбедни“, објави иранската новинска агенција Тасним, повикувајќи се на „сигурни извори“.

Американските телевизии Еј-Би-Си Њуз и Си-Би-Ес Њуз објавија дека нападите биле извршени од Израел, цитирајќи американски официјални претставници.

Засега нема коментар од Белата куќа или од Пентагон.

Израелската војска објави дека - „Во моментов немаме коментар“.

Иран - клучниот поддржувач на палестинската милитантна група Хамас и либанскиот Хезболах - го започна нападот како одмазда за нападот на 1 април врз неговиот конзулат во Дамаск, за кој нашироко беше обвинет Израел.

Според локална активистичка група, имало и експлозии во јужна Сирија.

„Имаше удари врз радарска позиција на сириската армија“, рече Рајан Мааруф, кој ја води антивладината веб-страница „Suwayda24“ која покрива вести од провинцијата Свеида на југ.

„Иранската воздушна одбрана е активирана на небото на неколку провинции во земјата“, соопшти официјалната новинска агенција на Техеран ИРНА.

Новинската агенција Мехр објави дека „летовите за Техеран, Исфахан и Шираз и аеродромите на запад, северозапад и југозапад се прекинати“.

По налетот на иранските проектили, израелските власти не кажаа кога и каде ќе возвратат, но премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата земја го задржува правото да се заштити.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вчера даде темна слика за ситуацијата на Блискиот Исток, предупредувајќи дека зголемените тензии околу војната во Газа и нападот на Иран врз Израел може да прераснат во „регионален конфликт од целосен размер“.

„Блискиот исток е на раб на пропаст. Последните денови се забележува опасна ескалација -- со зборови и со дела“, рече Гутереш пред Советот за безбедност.

„Една погрешна пресметка, една погрешна комуникација, една грешка, би можеле да доведат до незамислив регионален конфликт од целосен обем кој би бил катастрофален за сите инволвирани“, рече тој, повикувајќи ги сите страни на „максимална воздржаност“. /МИА

притисни ентер