Иванов: Македонија денес се бори за придобивките од победата над фашизмот

Ако некогаш Македонците се бореа против злото на фашизмот и нацизмот, денес Република Македонија се бори за придобивките што произлегоа од победата над фашизмот и нацизмот. Република Македонија се бори за почитување на меѓународното право како една од основите на меѓународниот поредок. Право, кое е придобивка на победниците од Втората светска војна.
Тоа го истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на свечената академија по повод 11 Октомври-Денот на народното востание, што вечерва се одржа во Македонскиот народен театар.

На 11 Октомври, истакна Иванов, Република Македонија прославува 72 години од почетокот на народното востание за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупатор.

- Ние ја живееме слободата за која пожртвувано се бореа и се изборија храбрите борци во Народноослободителната и антифашистичка борба.  Нашите деца безбедно растат под знамето на слободата, знаме под кое се бореа илинденците и АСНОМ-ците. Благодарение на нив, ние денес сме свои на своето. За тоа сме им вечно благодарни, посочи Иванов.

Потсети на злото од фашизмот и нацизмот кои, како што рече, донесоа повеќе смрт од која било друга човечка идеја. Според него, овие погубни идеологии се уште не се мртви и не се целосно искоренети од Европа.

- Со загриженост ги следиме појавите на радикализам и екстремизам во Европа, па и во нашето непосредно соседство. Ги охрабруваме напорите за нивно сузбивање. Сепак, неопходно е да се третираат причините, а не само последиците на овие негативни појави кои ги загорчуваат пријателските односи меѓу народите и државите, потенцира шефот на државата.

Иванов истакна дека без сеќавање, нема иднина и додаде оти Европската унија треба да учи од минатото на разединета Европа.

- Лекцијата од Втората светска војна е дека во услови на криза треба да се биде проактивен, а не пасивен. Во услови на криза треба да се бараат решенија, а не изговори. Токму во моменти на криза треба принципиелно да се бранат заедничките вредности, слободата, демократијата, човековите права и човековото достоинство. Секогаш кога се прави компромис со темелните вредности, се поткопува темелот врз кој е изградена слободата и демократијата, рече Иванов.

Меѓународниот поредок, како што рече, беше дополнително зацврстен со меѓународното право. Од европските урнатини, наведе тој, овој пат се роди идејата за обединета Европа како мировен проект, идеја која мотивира и инспирира и доброволно ги придвижува општествата кон реформи.

- Но, денес, таа идеја се соочува со криза. Денес, Европа се соочува со последиците од последната светска економска и финансиска криза. Криза што не може да се надмине без почитување на основните принципи врз кои се темели Европската унија: мирот, демократијата, владеењето на правото, човековите права, правото на самоидентификација и човеково достоинство. Принципи во кои ја гледаме причината и смислата на нашата евроинтеграција. Република Македонија и македонските граѓани се придобивка за Унијата само доколку влезат рамноправни во мозаикот на различностите на Европската унија, со својот идентитет и со своето достоинство, потенцира Иванов.

Според него, тогаш и денес Македонија и Македонците се на страната на правдата, исправното и доброто. Пред 72 години македонскиот народ активно се вклучил во големата антифашистичка коалиција, а денес македонските мировници ги бранат слободата, демократијата и човековите права во светот.

- Сведоци сме дека кај некои во соседството отсуствува дури и толеранција. Кај некои постои толеранција. Некои ги прифаќаат различностите. Но, Македонија секогаш гледала подалеку од овие концепти и негувала нешто што е повеќе и од толеранцијата и од прифаќањето, а тоа е почитта кон различноста. Се толерира само она што се мора, а се почитува она што се сака. Цврсто сме решени да истраеме на нашиот праведен пат. Пат што пожртвувано го пробија великаните на нашата историја – илинденците и учесниците во големата Народноослободителна и антифашистичка борба на Македонија, додаде Иванов. /Извор: МИА/

Димитров: Без ЕУ перспектива во октомври ќе се зајакнат националистичките сили

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за Агенција Европа, предупредува за ризиците кои и се закануваат на Македонија доколку ЕУ не додели датум за старт на преговори во октомври.

-Ако немаме перспектива, а тоа е влогот во октомври, ќе ослабнеме, а скептиците, националистички сили и популистите ќе се зајакнат, тоа ќе им помогне на оние кои се сомневаат во европскиот проект, таа стратешка ориентација, додека позитивна одлука ќе ни помогне да кажеме дека работите се во наши раце, изјави Димитров во интервју за Агенција Европа при неговата последна посета на Брисел минатата недела.

Во разговорот, Димитров го споделува својот оптимизам за одлуката на Советот на 15 октомври и смета дека земјата има „многу убедливи аргументи", пред сѐ „очигледен напредок кон вистинска европска демократија", како и постигнувањето на договорите со Грција и Бугарија.

-Имаме слух за загриженоста на некои земји членки околу тоа како да процесот на пристапување да се направи построг и повеќе ориентиран кон промена, што е во срцето на интересите на населението во регионот, вели министерот за надворешни.

Што се однесува до одлагањето на одлуката за датум во јуни годинава, Димитров смета дека министрите немаа доволно време да го разгледаат напредокот во четирите клучни области дефинирани во јуни 2018, поради кусиот рок помеѓу објавувањето на извештајот на Европската Комисија и одржувањето на Советот на ЕУ.

-Сите погледи се сега свртени кон средината на октомври, мислам дека влогот е таков што има сериозни размислувања во престолнините за начинот да се зграпчи оваа прилика во момент кога нема многу прилики за успех, објаснува Димитров.

Во случај Македонија да не добие зелено светло овој пат, по четиринаесет години кандидатски статус, министерот предупредува: „нема да биде лесно за мене, како министер, да се вратам дома после октомври и да речам дека ќе одлучуваат идната година, потребно ни е политичко гориво за да продолжиме да одиме напред".

Тој истакнува и дека Северна Македонија целосно ја поддржува европската интеграција на Албанија, но дека земјата не смее да биде жртва на логиката на ставање земји во пакети и потсетува дека процесот е заснован на индивидуална заслуга.

Запрашан што мисли за новиот предлог за комесар за проширување на претседателката на Европската Комисија, поранешниот унгарски министер за правда, Ласло Трочањи, Димитров не крие дека Македонија има спор со Унгарија околу азилот на осудениот поранешен премиер, Никола Груевски.

Но, смета министерот, важно е двете земји да соработуваат за заедничките интереси и покрај нивните разлики.

-Охрабрени сме и ги цениме пораките на избраната претседателка во однос на нашиот регион, нејзиниот интерес и цениме дека во ЕК е навистина важно да се сочуваат двата столба врз кои почива успешно членство. Првиот е регионот да стане европски, значи да има ангажман, а вториот е строгиот и праведен пристап во проценувањето на напредокот или недостатокот од напредок, вели Димитров.

Тој смета дека колеџот на еврокомесарите, по сослушувањата во Европскиот Парламент, ќе биде внимателен да се сочуваат овие два столба./МИА

Почнува традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата"

Од денеска до 18 септември во старото градско јадро на Скопската чаршија ќе се одржи 13. традиционална манифестација „Звуците на чаршијата".

Како што информира Културно-информативниот центар – Скопје кој е организатор на настанот, манифестацијата треба да придонесе кон еманципација на културно неизградените средини, но и да даде придонес кон континуираните активности на Град Скопје и Културно-информативниот центар – Скопје за ревитализација на Старата скопска Чаршија.

Според нив, целта на манифестацијата е преку концерти од сите жанрови, перформанси, фолклорни настапи, поезија, ликовна колонија и презентација на стари занаети, чаршијата да заживее во духот на традицијата како културен и духовен споменик на градот и да се врати духот на занаетите, барем на оние што останале до денес.

Тридневна програма на манифестацијата ќе биде збогатена со литературни дела на писателите, изложба на фотографии и многу други перформанси./МИА

Престанува мандатот на обвинителите на СЈО, Јовески може повторно да ги активира

Советот на јавни обвинители денеска треба да го констатира престанокот на мандатот на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство.

Во саботата специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која во моментот е во притвор беше едногласно разрешена од членовите на Советот.

По одлуката на Советот, на потег ќе биде јавниот обвинител Љубомир Јовевски кој, доколку одлучи, има можност на обвинителите кои до сега ги водеа предметите да им ги додели повторно.

Од предметите за кои СЈО покрена над 20 обвиненија, само три се целосно затворени, неколку се вратени на повторно судење или се чека изјаснување на Апелациониот суд.

Откако Јавното обвинителство пред неколку дена ги побара предметите на СЈО, од Специјалното јавно обвинителство експресно одговорија дека се подготвени да ги предадат сите предмети по кои постапуваат со сите списи и докази.

Загриженост и неизвесност за својот статус пројавија и стручниот, административен и помошно-технички персонал на СЈО и  побара помош од меѓународната заедница која беше дел од процесите на формирање на ова обвинителство и од политичките чинители во земјава. Министерката за правда Рената Дескоска во изјава за МИА рече дека за време на разговорите за законот за Јавното обвинителство предложиле вработените во СЈО да бидат префрлени во републичкото Јавно обвинителство. /МИА

притисни ентер