Распишан јавниот повик за членови на управни и надзорни одбори

Владата на Република Македонија денеска го распиша јавниот повик за пројавување интерес на лица кои сакаат и имаат желба да бидат ангажирани во управни и надзорни одбори чија ингеренција за именување спаѓа во директна или индиректна нејзина надлежност.


- Огласот, што ќе биде отворен до 25 септември, е прв ваков оглас со кој јавно и транспарентно се бара од сите граѓани на Република Македонија кои поседуваат определени способности и квалификации да можат да аплицираат и да се стекнат со можност во соодветна процедура да бидат кандидати и да можат да бидат избрани да партиципираат во надзорните и управните одбори во рамките на државните институции, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

Ова, како што рече, ќе значи дека граѓаните во соодветна процедура, базирајќи се исклучиво на своите индивидуални способности, лични знаења и карактеристики, може да партиципираат во управувањето на институциите и на тој начин да придонесат за реализација на реформите, политиките и планот и програмата на институциите.

До 25 септември граѓаните може да се пријават на јавниот повик пополнувајќи апликација објавена на веб-страницата на Владата, треба да испратат биографија не поголема од пет страници и да ја назначат позицијата за која се кандидираат. Како поткрепа на биографијата би било добро граѓаните да достават сертификати или дипломи. Документите можат да бидат доставени директно до Владата на Република Македонија или, пак, на специјализираната е-маил адреса [email protected].

Ѓорѓиев потенцира дека на овој начин Владата уште еднаш демонстрира отвореност и нуди еднакви шанси на сите граѓани на земјата.

Во овој јавен повик се предвидени околу шеесетина позиции за членови на управни и надзорни одбори, при што се опфатени повеќе институции, и тоа и од областа на енергетиката, ЕЛЕМ, Државната лотарија, Централниот Регистар, поголем број институции од областа на социјалната политика, од областа на транспортот и од областа на здравството.

- Кандидатите треба да ги исполнуваат законските услови за кандидирање кои исто така се објавени на јавниот повик, а кај здравствените институции треба да се исполнува уште еден услов, а тоа е дека лицата кои аплицираат не треба да бидат роднински или капитално поврзани со правните лица, односно компаниите кои вршат промет со лекови, медицински помагала, медицинска опрема или промет за останати потреби за здравствениот сектор, рече Ѓорѓиев.

Писмените поднесоци на кандидатите кои аплицираат во прва фаза ќе бидат проверени, а потоа тие ќе бидат повикувани и на интервјуа. Некои од кандидатите за некои од позициите ќе бидат подложени и на тестирања од областа за која аплицираат.

- Апелираме во што поголем број граѓаните да се одѕиваат на повикот. Сите имаат еднакви шанси без разлика на нивната национална и верска припадност, политичка ориентација, пол, имотен статус или други лични карактеристики. Секој обид, пак, за лобирање или протекционизам ќе се смета за неверување во сопствените способности и ќе биде негативно оценет, вели портпаролот на Владата. /МИА

Аеродромот во данскиот град Билунд евакуиран по дојава за поставена бомба

Аеродромот во данскиот град Билунд денеска е евакуиран по дојава за поставена бомба и еден маж е уапсен, соопшти данската полиција.

Летовите на аеродромот се прекинати. На веб-страницата на аеродромот се наведени неколку откажани летови кои требаше да се реализираат попладнево - до Амстердам, Франкфурт и Барселона.

Полицијата се обидува да утврди дали има поврзаност меѓу дојавата за поставена бомба и експлозијата на банкомат во Билунд изутрината.

Аеродромот Билунд е вториот по големина аеродром во Данска. Се наоѓа во близина на седиштето на компанијата „Лего“ и паркот „Леголенд“. /МИА

Отворено 60-тото издание на Венециското биенале

На официјална церемонија во Венеција денеска беше отворено 60-тото издание на Венециското биенале, кое ќе трае до 24 ноември. Темата на годинашното биенале е „Странци насекаде“.

На свеченоста традиционално беа доделени и наградите „Златен лав“. За најдобар национален павилјон статуетката и е доделена на Австралија. Наградата за најдобро претставување на меѓународната изложба ја доби Матаахо колектив од Нов Зеланд. „Сребрен лав“ за перспективен млад уметник учесник на биеналето и припадна на Карима Ашаду од Велика Британија.

Награди „Златен лав“ за севкупен придонес им беа доделени на уметниците Ана Марија Мајолино и Нил Јалтeр. Тие се „жени пионери во уметноста, кои се исто така мигранти и на многу начини го отелотворуваат духот на мотото Странци насекаде“, велат организаторите. Ана Марија Маиолино е родена во Италија во 1942 година, но се населила во Сао Паоло, Бразил. Нил Јалтер е Турчинка, родена во египетската престолнина Каиро во 1938 година, а денес живее и работи во Париз.

На Биеналето во Венеција годинава учествуваат 88 земји. Во фокусот на годинашното издание се темите за миграцијата, егзилот и „странското потекло“. Централната тема е „Странци насекаде“.

Во Венеција вчера беше отворен и македонскиот павилјон, во кој е поставен повеќеслојниот и трансмедијален проект на Славица Јанешлиева „INTER SPEM ET METUM“ („Помеѓу надеж и страв“) и Националната галерија на Северна Македонија како официјален претставник на земјава на светската културна манифестација Венециско биенале 2024.

Проектот е изложен во зградата на Скуола деи Ланери (Scuola dei Laneri). Павилјонот е отворен за пошироката публика секој ден, освен понеделник, од 11 до 19 часот.

- Повторно нашето културно богатство е стационирано на светската културна манифестација Венециско биенале. Делото на Славица Јанашлиева во контекст на годинашната тема „Странци насекаде“, со наслов „Помеѓу надеж и страв“ / „Inter Spem et Metum“ се занимава со аспектот на странецот, на „другиот“, виден низ многу слоевити нивоа на антиципација на контекстот, изјави комесарот на проектот Дита Старова Ќерими.

Проектот го курираше Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија, а е поддржан од Министерство за културa.

Според Старова Ќерими, делото веќе го привлече вниманието на домашните и меѓународните медиуми како Art News, E-flux, It's Liquid, Art Review, а најавени се и интервјуа со авторката со новинари на странски и локални медиуми. Ваквиот интерес, како што наведува, дополнително потврдува дека нашата земја има уметници за кои вреди да се бориме, да бидат поддржани.

Кураторката Франговска, вели дека трансмедијалниот и транснаративен проект „INTER SPEM ET METUM“ на Славица Јанешлиева претставува визуелно исчистена и концептуално предвидена просторна инсталација, која на прилично чувствителен и имагинативен начин нè фрла во цивилизацискиот отпад.

Венециското биенале на уметноста ќе се одржува од 20 април до 24 ноември 2024 година. /МИА

Со полициски хеликоптер пренесен македонски државјанин од Унгарија до Скопје

Како што соопшти МВР, тој е пренесен на скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“.

Денеска по добиено барање од ЦУК, со полициски хеликоптер Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици, од Сегедин, Унгарија до Скопје е пренесен македонски државјанин кој доживеал мозочен удар на 18 април за време на службен пат во Унгарија.

Како што соопшти МВР, тој е пренесен на скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“.

Oва е втор пат да се извршува ваков вид воздухопловен транспорт од Сегедин до Скопје со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, откако и на 11 април беше успешно реализирана ваква акција.

притисни ентер