Нов владин оглас за директори на здравствени установи

Владата го прошири огласот за вработување раководни лица. Се бараат директори на здравствени домови во 25 града меѓу кои во Скопје, Битола, Ресен, Охрид, Велес, Куманово, Кочани, Кавадарци и во другите поголеми градови.

Од нив се бараат општите услови плус пет години работно искуство и положен испит за директор. Владата распиша оглас и за 11 медицински директори на Универзитетската клиника и тоа за нефрологија, детски болести, пластична хирургија, уво нос и грло, дерматологија, кардиологија, гинекологија, неврологија, урологија, онкологија и за хирургија.

На клиниките ќе се вработуваат и четворица организациски директори на клиниките за стоматологија, дерматологија, кардиологија и на клиничка биохемија. На огласот ќе се избира и нов директор на болницата „8 Септември“ и уште седуммина директори на болниците во Охрид, Велес, Кавадарци, Кичево, Струмица, Кочани и Гевгелија.

Во огласот се бараат и нови директори на шест центри за јавно здравје, на здравствената станица „Железара“ во Скопје, како и пет директори на специјални болници и шест директори на заводи. Ќе се вработуваат и директори на институтите за трансфузиона медицина и за белодробни заболувања.

Со тоа, бројот на раководители и високи државни службеници ја достигна бројката од 130.

Бајден ја објави даночната пријава

Американскиот претседател Џо Бајден денеска ја објави својата даночна пријава - традиција која беше прекината во времето на неговиот претходник Доналд Трамп.

Практиката не е задолжителна, но нејзината цел е да ја зајакне довербата на граѓаните во политичките лидери. Даночните пријави ги објавуваат и кандидатите кои учествуваат на локалните и националните избори.

Според нивните даночни пријави, Џо и Џил Бајден заработиле 619.976 долари во 2023 година, од кои повеќето потекнуваат од годишната плата на претседателот од 400.000 долари и годишната плата од 85.985 долари на неговата сопруга Џил Бајден, која работи како учителка во државата Вирџинија.

Бајденови минатата година заработија повеќе пари отколку во 2022 година (580.000 долари) и во 2021 година (610.000 долари).

„Претседателот Бајден верува дека сите претседатели треба да бидат отворени и искрени со американскиот народ“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Поранешниот претседател Доналд Трамп не ги објави своите даночни пријави во периодот на неговата администрација од 2017 до 2021 година.

Втор циклус на повикот за аплицирање во рамките на проектот „Култура и креативност за З.Балкан“

Втор циклус на повикот за аплицирање во рамките на проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ финансиран од ЕУ

Министерството за култура и Националната комисија за УНЕСКО на Република Македонија денеска информираат за вториот циклус на повикот на УНЕСКО, Британскиот совет и на Италијанската агенција за развојна соработка финансиран од Европската Унија за аплицирање во рамките на заедничкиот проект „Култура и креативност за Западен Балкан“.

Од Министерството за култура соопштуваат дека по повод повикот, за сите сите заинтересирани институции, организации и физички лица, во петок (19 април) со почеток во 10:00 часот во КСП ЦЕНТАР – ЈАДРО ќе се одржи информативната сесија и презентација за проектот, која може да се следи и онлајн со регистрирање преку платформата „Зум“ ( на следниот линк) .

Целта на повикот, како што наведуваат од Министерството за култура, е да се поттикнат активностите на културниот и на креативниот сектор со цел подобрување на вештините, знаењата и пристапот до финансиска поддршка во насока на зголемување на конкурентноста и одржување на копродукцијата и циркулацијата на услуги во Западен Балкан.

Проектот започна во април 2022 година и е со времетраење од 48 месеци. Во овој период проектот вклучува низа активности, како што се: техничка поддршка за анализа на податоци и управување со секторот култура, градење капацитети за креирање политики и регионални размени, воспоставување јавни/приватни партнерства за промовирање на културната и креативната валоризација на јавните простори, програми за културни лидерства, поврзување на независните медиумски портали во насока на создавање и споделување на културните содржини во регионот, механизми за стимулирање на приватното финансирање, мали проекти за заштита на културното наследство во насока на зајакнување на учеството на локалните заедници и споделување на добри практики во регионот и со земјите членки на ЕУ.

Повикот, критериумите и начините на аплицирање за институции и организации е на прикачениот линк со рок за поднесување најдоцна до 27 мај 2024 година. За повикот за мали грантови за физички лица е следниот линк, и е постојано отворен за аплицирање сѐ до 31 декември 2025 година.

Втор ден генерален штрајк на приватните специјализанти

Приватните специјализанти утрово продолжија со генералниот штрајк, што почна од вчера изутрина. 

Преку соопштение, тие синоќа информираа дека штрајкот ќе продолжи и денеска, сѐ додека Министерството за здравство по денешната седница на Влада, не излезе со официјален став за нивните барања. Врз основа на одговорот од Министерството за здравство, приватните специјализанти ќе одлучат за понатамошните чекори.

Меѓу нивните барања се зголемување на платите, повторно воведување бесплатно здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како и регулирање на работниот статус.

Нивни претставници вчера попладне имаа средба во Владата со министерот за здравство Илир Демири, заменик министерката за здравство Маја Манолева и проф. Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања, на која им било кажано дека денеска по владината седница ќе има информација во писмена форма за барањето за зголемување на надоместот.

- Најглавното што беше кажано на средбата е дека утре на владина седница ќе има информација во однос на покачувањето, по што ќе добиеме некаква писмена форма за одговорот на Владата во однос на покачувањата на платите. Нивен главен аргумент е дека ова е предизборен период и не можеле да постапат, во смисла, да дадат покачување. Истиот одговор го добивме и за другите наши барања, дека е предизборен период, изјави вчера по средбата во Владата, д-р Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти.

Таа нагласи дека го негираат тврдењето оти штрајкот има политички контекст.

Министерот за здравство во текот на вчерашниот ден на прес-конференција побара трпение од приватните специјализанти. Најави дека по изборите ќе направи напори со ребаланс на Буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во јавните здравствени установи.

- Ова е многу битно. Направивме компарација во претходниот заеднички разговор со нив, каква беше нивната позиција, на ваквите специјализанти, пред 2017 година и каква е сега. Има голема разлика оти до 2017 година, тие не примаа никакви примања. Не велам дека сегашните нивни примања се доволни. Јас сакам да бидат како и на специјализантите вработени во јавни здравствени институции. Но, за тоа треба буџетирање што не може сега да се оствари пред изборите, рече Демири, на прес-конференцијата на која беше објавено дека ќе се воведат деветвалентни ХПВ вакцини.

притисни ентер