НДП протестира против Бејта

Со мирен протест пред средните училишта во Гостивар пратениците и советниците на НДП заедно со сменетите директори на училиштата и отпуштените од општинската администрација го изразија своето незадоволство од како што рекоа политичкиот реваншизам на градоначалникот Невзат Бејта.

-Протестираме против невидениот мобинг кој денес го спроведува еден нелегитимен градоначалник за кого не гласаше албанскиот народ и против неговите нелегитимни директори кои без никаков морал и институционална етика ги бркаат од работа професорите, административците, инженери, економисти, правници и социјални случаи со што им се загрозува социјалниот опстанок на над 300 албански семејства – изјави Наџи Џелили, пратеник на НДП.

Градоначалникот Бејта ги негираше овие наводи со тврдење дека НДП за изминатите 4 години го злоупотребила образовниот процес во општината за свои цели.

-Нека извадат еден документ дека еден професор со решение е исклучен од било кое училиште. Такви случаи ние немаме и со лажење тие не може да одат напред а јас ја кажувам реалноста како е состојбата. За кратко време бидејќи вчера се навршија еден месец од како станав градоначалник граѓаните велат дека ние ставивме ред во образованието – вели Невзат Бејта, градоначалник на општина Гостивар.

Политичките препукувања помеѓу поранешната локална власт на НДП и новата на ДУИ започнаа веднаш откако по локалните избори дојде до нивна промена во општина Гостивар.

Пендаровски: Ако не дај Боже победат, следуваат 15 години стоење во место и уназадување!

Kандидатот за претседател Стево Пендаровски вчеравечер беше меѓу жителите на Бутел од каде побара поддршка за втор мандат, за како што рече, граѓаните да добијат гаранција дека Македонија ќе биде напредна, европска држава.

„Кај мене овие пет години и најсиромашните и најбогатите, и младите и старите, и жените и мажите, секој кој посакал да дојде, да побара помош за решавање на било каков проблем, вратите на мојот кабинет му биле отворени. Секаде сум поминал, сум дошол во вашите домови да ве прашам што ве мачи, како можам да помогнам, таму каде што не сум можел да помогнам сум барал помош од моите другари кои биле министри, пратеници, кои биле вицепремиери, кои биле градоначалници и со нивна помош сме се обиделе да помогнеме секаде каде што сме можеле, без разлика дали некој нè гласал или не нè гласал. Затоа што вие сите сте еднакви“, рече Пендаровски.

Во однос на понудата на неговата противкандидатка Силјановска и партијата којашто ја поддржа, Пендаровски рече дека ако дојдат на власт ќе го поништат Преспанскиот договор и ќе изгубиме уште 10 или 15 години за нови преговори.

„Кога ги прашувате што не ви чини во договорот што го имаме со Брисел, европската преговарачка рамка. тие велат ќе го поништиме и тоа затоа што таму го нема македонскиот јазик. Тоа е најголемата можна политичка лага. Договорот што го имаме со Брисел за почнување на преговорите содржи клаузула за македонскиот јазик, вели прецизно целокупното европско законодавство, сите европски закони ќе се преведуваат на македонски јазик кога ќе станеме полноправна членка на таа организација. Меѓутоа, нив тоа не им одговара затоа што тие имаат интерес од сеење на политичка магла да им даваат лажни надежи на нашите граѓани“, додаде Пендаровски.

Во обраќањето пред присутните Пендаровски се осврна и на неопходните чекори коишто треба да ги направи државата за да стане полноправна членка на ЕУ.

„Македонија има добар Устав во кој сите етнички заедници се застапени, ќе ги ставиме и оние кои не се, меѓутоа и тие што не се имаат еднакви права како оние што се запишани во преамбулата. Ние немаме потреба да правиме нов Устав, немаме потреба да преговараме нови договори со Грција и со Бугарија, немаме потреба да ги репреговараме договорите со Европската Унија. Ние имаме потреба да ги извршиме тие обврски и за четири, до пет години да станеме полноправна членка на ЕУ, каде што одамна заслужувавме да бидеме“ рече тој.

Романо: Милан ќе го отпушти Пиоли на крајот од сезоната

Милан по крајот на сезоната ќе го отпушти тренерот Стефано Пиоли. Росонерите ќе почнат да се занимаваат со ова прашање во наредните недели, објави инсајдерот Фабрицио Романо.

Се пишуваше дека Пиоли би можел да го напушти Милан доколку биде елиминиран од Лигата на Европа. Росонерите во четвртокот загубија од Рома (1:2) во реваншот од 1/4 финалето (првиот натпревар беше 0:1).

По 32 кола, Милан се наоѓа на второто место во Серија А, со 14 бода помалку од Интер.

Пиоли пред две сезони му ја донесе шампионската титула на Милан.

Главни претенденти за наследник на Пиоли на тренераската позиција во Милан се Роберто де Зерби тренерот на Брајтон и Антонио Конте. /МИА

САД ќе ја повлечат својата војска од Нигер

Повеќе од 1.000 американски војници ќе го напуштат Нигер во наредните месеци, објави Њујорк Тајмс.

Американски извори потврдиле дека веќе е постигнат договор за тоа меѓу заменик државниот секретар на САД Курт Кемпбел и раководството на Нигер, пренесува БТА.

Американската војска во Нигер е стационирана во две бази, вклучувајќи ја и базата за беспилотни летала позната како авиоабаза 201, изградена во близина на Агадез во централниот дел на Нигер.

Од 2018 година, базата се користи против милитантите од Исламската држава и Џамаат Нусрат ал-Ислам вал Муслимин, исламистичка организација поврзана со Ал Каеда, во регионот Сахел.

Армијата на Нигер ја презеде власта со државен удар минатата година. Пред пучот, Нигер беше клучен безбедносен партнер на САД и Франција. Но, новите власти во Нигер им се придружија на хунтите во соседните Мали и Буркина Фасо и ги прекинаа воените договори со своите некогашни западни сојузници како Вашингтон и Париз, напуштајќи го регионалниот политички и економски блок ECOWAS. Тие, исто така, започнаа поблиски врски со Русија.

Во наредните денови треба да се разговара за тоа како ќе се одвива повлекување на американските војници војници од Нигер. /МИА

притисни ентер