Ова меѓу другото е одлучено на денешната вонредна седница на Светиот архиерејски синод, на која уште за администратор на Полошко-Кумановската епархија е поставен поглаварот на МПЦ, и е утврден протоколот за текот на погребението на митрополитот Кирил.

Митрополитот на Полошко –кумановската епархија владиката Кирил почина рано изутрината  на 79 годишна возраст по кратко боледување на една од скопските клиники.

Замина еден од основоположниците на автокефалијата на македонската православна црква-Охридска архиепископија, кој потпис за навек ќе стои на автокефалноста на МПЦ.  Важи за еден од најстарите владици кој на своето конто преку долгогодишна црковна служба, вградил многу признанија, почести и одликувања, како Орденот заслуги за народ, и прогласувањето за почесен граѓанин на над петнаесет градови во САД, Канада и Австралија.

Роден е во селото Царев Двор, Преспа. Средно богословско училиште завршил во Призрен, а 1964 година се замонашил во манастирот Света Пречиста во Кичево.Со благослов на тогашниот српски владика во 1965 година  се запишал на Московската духовна академија на Руската православна црква во Загорск од каде две години пред завршувањето бил повикан во Македонија. На 11 јули 1967 година во тогашниот соборен храм Свети Димитрија во Скопје, бил хиротонисан во чин викарен епископ со титула Тивериополски. За митрополит на Полошко-кумановската епархија е назначен во 1987 година. Дотогаш својата духовна служба подолго време ја вршел низ црквите во Австралија, САД и Канада, и затоа важи за еден од основоположниците на прекуокеанските епархии на МПЦ.


Датум на објава: вторник, 11 јуни 2013 во 17:42
Мирјана Трпческа

коментари

остави коментар