Според  дописникот на МИА од Брисел, во разговорот со првите луѓе на дипломатските служби на ЕУ-земјите во европската престолнина, шефот на македонската дипломатија и неговите соговорници ставиле јасно до знаење дека не се очекува почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ на Самитот на Европскиот совет што ќе се одржи на 17-ти и 18-ти овој месец.

- Со амбасадорите разговаравме околу приоритетите на Република Македонија за следниот период до спроведувањето на изборите во април 2016 година. ЕУ на ниво на Европска комисија веќе даде препорака дека е потребно да започнат преговорите и има определен број на условувања. Овие условувања се поврзани со реформите што ќе бидат приоритет и на земјите-членки на ЕУ. Па, така, во следниот период, најверојатно најмногу очекувања ќе бидат посветени на клучните реформски приоритети, посочи министерот Попоски во изјава за МИА по работниот појадок со амбасадорите.

Македонскиот министер вели дека ги запознал земјите-членки на Унијата за сето она што е реализирано во Република Македонија и дека во најголем дел, политичкиот договор од Пржино е спроведен и дека со тоа е стеснат просторот за какви било изговори да можат да бидат презентирани од оние што беа поскептични во однос на почетокот на преговорите во рамки на ЕУ.

- Не е за очекување дека Европскиот совет ќе носи одлуки во однос на почеток на преговорите, но сосема е реално дека онака како што досега ги спроведовме, вклучително и оние прашања што поставуваа повеќе прашања за одржливост и кај самите земји-членки дали ќе бидат реализирани, а ние успеавме во тоа, да охрабрат поголема група на земји-членки да не се одложува континуирано ова прашање, посебно со оглед на фактот дека после април тие би требало да излезат со конкретен извештај, вели Никола Попоски.

Доцна вечерва, шефот на македонската дипломатија ќе се сретне и со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, со кого освен реформите во Македонија, главна тема ќе биде и бегалската криза. Министерот Попоски вели дека за Македонија е значајно и ова прашање и дека тоа било тема и на разговорот со ЕУ-амбасадорите во Брисел.

- Република Македонија во целост ги применува правилата што се очекуваат и од ЕУ, со хуман и безбеден проток на мигранти низ европскиот безбедносен коридор што го имаме воспоставено на нашата територија. Во фазата на давање на приоритет на сите оние што имаат основа за добивање азил во Европската унија, Македонија успешно се справува. Предизвикот со т.н. економски мигранти, за кои имаше потешкотии, а и самата Грција да го спроведе, што потоа беше пренесено на наша територија, би требало да биде намален, односно тензиите да бидат намалени со упатувањето на Фронтекс на грчка територија и со помошта што ја очекуваме од змејите-членки во соочување со овој хуман и безбедносен предизвик, заклучува Попоски.

Со средбата со комесарот Хан, македонскиот министер за надворешни работи вечерва ќе ја заврши еднодневната работна посета на Брисел. /МИА.

коментари

остави коментар