По 28 часа заврши акцијата на МВР во кумановската Дива населба. Четиринаесет терористи се убиени, а триесетина сами и се предале  на полицијата. Терористичката група која претставуваше закана по безбедноста на граѓаните и на Македонија е целосно неутрализирана и елиминирана, соопшти портпаролот Иво Котевски. Водачи на групата биле петмина косовски државјани и била една од најопасните и закана за целиот регион, а нејзините членови се барале со меѓународни потерници за најтешки кривични дела.

Според сомненијата, лидери на оваа група се озлогласените Мухамед Красниќи таканаречен командант Малишева, Мирсад Ндрецај таканаречен командант НАТО, Сами Укшини таканаречен командант Соколи, Бег Ризај алијас командант Бегу и Деме Шеху, алијас Јунику. Сите петмина се косовски државјани и се доведуваат во врска со формирање на бројни терористички и екстремистички групи во регионот, односно фигурираат како основачи на паравоени структури.

Според првичните сознанија, тројца од нив синоќа и се предадоа на полицијата, но сеуште се работи на потврдување на нивниот идентитет. На лице место досега се пронајдени и 14 тела во униформи чиј идентитет дополнително ќе се утврдува. Меѓу нив засега е препознаен Џафер Зумбери од Ѓаковица. Во овој момент не можеме да исклучиме дека има и други загинати терористи со оглед на фактот дека објектите од кои ја напаѓаа полицијата се значително оштетени и можно е во одредени простории кои дополнително треба да се проверат да има уште тела.

Полицијата врши претрес на куќите во кои биле стационирани терористите, а според првичните сознанија пронајден е голем арсенал на оружје. Терористите кои вчера и се предадоа на полицијата, најголем дел се македонски државјани со дебели полициски досиеја. Според сознанијата на МВР групата почнала да делува и да се утврдува на почетокот на месецов, подготвувајќи се кон средината на мај да почне со терористички напади кон цивилни и државни цели. Досега до МВР нема пријавено цивилни жртви, а полицијата дополнително ќе испитува дали терористите имале логистика од локалното население.

Елена Ивановска има детална информација - што се случува сега во Куманово, каде попладнево по завршувањето на полициската акција, истражните органи излегоа на терен.


Датум на објава: недела, 10 мај 2015 во 19:55
www.kanal5.com.mk
Обновено во: 21:10

коментари

остави коментар