Во соопштението на АМХРЦ се вели дека конференцијата ја организира заедно со политичката партија на македонското малцинство во Грција „Виножито“ и Европската слободна алијанса од Брисел,со цел „да се направи значителен придонес за разбирањето на македонската современа историја, од различни перспективи, вклучувајќи социолошки, јазични, антрополошки и политички“.

Весникот на австралиските Грци „Неос Космос“,  повикувајќи се на „водечки грчки австралиски коментатори“  коментира дека настанот „ќе разгори тензии, ќе поттикне регионална нестабилност“ и оти е „политички трик“.

Професорот Анастасиос Тамис за „Неос Космос“ изјавил дека настанот „ќе ги разгори веќе напнатите тензии во регионот и ќе поттикне нестабилност“. Тој додал дека конференцијата ќе биде „политички мотивиран собир на екстремни националисти, чија цел е да прикажат дека Македонија не е само географски регион - каде што различни етнички заедници живеат стотици години – споделувајќи заеднички културни концепти и религиски перцепции, туку земја на новиот етникум на Балканот, а тоа се ‘Македонци’“.

-  Конференцијата е свикана во Флорина (Лерин), Грција, само за да се негираат тврдењата на Грците за Македонија и да се генерираат болни тензии, рекол грчкиот професор.

Инаку АМХРЦ потсетува дека во 2013 година организира слична конференција во Универзитетот Монаш во Мелбурн, по повод одбележувањето на 100-годишнината од крајот на Втората балканска војна и поделбата на Македонија. Како резултат на таа конференција, подоцна оваа година, академски издавачка куќа ќе ги објави документите од конференцијата во книгата „За македонските работи: Од поделбата на Македонија во 1913 година до денес“, чии уредници се професорот Виктор Фридман и д-р Џим Хлавач.

- Со оглед на успехот на првата конференција, АМХРЦ во соработка со научници кои учествуваа на претходната конференција, одлучи да свика втора и во некоја смисла, историска конференција во Лерин, која ќе се одржи од 16 до 19 јули 2015 година. Конференцијата ќе кулминира со „Илинден“ - годишен македонски културен фестивал во селото Овчарени (Мелити на грчки), Леринско“, се вели во најавата за настанот и се додава дека на конференцијата ќе учествуваат и голем број на други значајни меѓународни гости, вклучувајќи и членови на Европскиот парламент.

Датум на објава: понеделник, 27 април 2015 во 11:57
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар