Пораки за мир и соработка и извлекување на поуки од военото минато за крвавите војни никогаш повеќе да не се повторат денеска беа упатени од Француските гробишта во Битола, каде беше одбележана стогодишнината од Првата светска војна. На комеморацијата присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, на државни и локални инситуции, здруженија и граѓани.

,,Дојдете до мир, работете заедно, развијте соработка.,,рече Кристине Алтхаузер, Амбасадорка на Германија во Република Македонија.

,,Со општина Битола тука на германските гробишта имаме желба да изградиме музејски простор што на некој начин е наша должност на сеќавање на тој период. Тоа е и порака за мир, меѓусебна доверба, помирување.,,-рече Лоренс Оер, Амбасадорка на Франција во Република Македонија.

Пред 100 години најголема воена жртва беше Македонија иако не учестуваше во војната, беше истакнато денеска.

,,Да не се заборави дека ние денес сме земја која што и со Франција и со Германија има одлични сојузнички односи. Нашите војници денес заедно со нивните се во мировни мисии. И оваа порака нека биде дека паметејќи го минатото заслужуваме денес и во иднината Македонија да биде рамноправна членка на НАТО заедно со Франција и Германија.,,-рече Антонио Милошоски, потпретседател на Собрание на Република Македонија.

Битола од тоа време го носи епитетот град страдалник. Жртвите го потврдуваат тоа, истакна Владимир Талески, градоначалник на Битола.

Комеморација денеска се одржа и на германските воени гробишта во Прилеп каде почиваат голем број војници од првата и втората светска војна. Меѓу нив и Хајнрих Еберт, син на првиот претседател на Германија Фридрих Еберт.

На иницијатива на Руската Федерација беше откриен и споменик на паднатите руски војници.


Датум на објава: вторник, 11 ноември 2014 во 14:29
Анета Шијакова
Обновено во: 15:36

коментари

остави коментар