Вечерта ќе почне со балетот со 12 играчи „Полски парчиња“ на кореографот Ханс ван Манен, годинашен добитник на наградата „Менада“, а потоа ќе следуваат: „Вечерни песни“ - креиран на хорска музика од Дворак, лиричниот балет „Без танц“ на шведскиот кореограф Матс Ек, балетот „Anaphase“ на Израелецот Охад Нахарин и „Симфонија Индија“ од Начо Дуато, создаден на музика на композиторот Карлос Чавез, инспирирана од ритуалните танци на мексиканските Индијанци.

Уметничкиот директор на „Танц-фест“ Рисима Рисимкин  на прес-конференција денеска рече дека е задоволна од годинашното издание на фестивалот, посебно што првпат се одржа меѓународен натпревар за млади кореографи (Танцова лабораторија) кој, рече таа, бил освежување на фестивалот.

- Во изминатите десет години на „Танц-фест“ имаше сто различни продукции, на различни локации и поминаа над илјада врвни уметници. Во Македонија дојде врвот на танцовата европска сцена, националните балети на повеќе земји кои направија пресврти во сфаќањето на танцот овде, така што добивме истенчен вкус за танцот, истакна Рисимкин.

„Танц-фест“ има силна врска со Холандија, не само преку учествата на холандски танчари, туку и низ соработката на скопската Танцова академија со Балетот од Ротердам, а седум години фестивалот е  поддржуван од Холандската амбасада во Скопје - од сегашната амбасадорка Мариет Шурман и нејзината претходничка, амбасадорката Симоне Филипини.

Поради тоа, „Танц-фест“ утревечер ќе и врачи специјална награда „Менада“ на Шурман, која за ансамблот „Интроденс“ рече дека е меѓу најдобрите во Европа, а покровител му е принцезата Маргарита.

Утрешното гостување се совпаѓа со одбележувањето на нивниот национален празник - роденденот на холандскиот крал Вилем Александер, кој лани го наследи тронот  по абдицирањето на неговата мајка, кралицата Беатрикс.

- По сто години владеење на жени, од минатата година имаме владетел. Одбележувањето на роденденот со холандскиот ансамбл ќе биде подарок за луѓето од Македонија и симболичен гест за обединување на луѓето од Македонија и Холандија. А нема подобар симбол за обединување од современиот танц. Тој ги поврзува луѓето и преку границите и различните јазици. Современиот танц е голем извозен производ на Холандија, рече Шурман.

Рисимкин информираше дека завршната вечер на годинашниот „Танц-фест“ ќе биде изненадување за публиката зашто ќе почне со перформанс уште на влезот на Македонскиот народен театар.

Датум на објава: четврток, 24 април 2014 во 13:42
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар