Затворениците, меѓу кои има и осудени на доживотен затвор, побегнале вчера од затвор во близина на Дренова на околу 180 километри југоисточно од Тирана, соопшти албанската полиција. Од вкупно седуммина осуденици кои избегале од зад решетки, четворица се повторно уапсени, по тројца се уште се трага, пренесуваат албанските медиуми.

Специјалните полициски сили денеска околу пладне уапсиле тројца бегалци – затвореници, еден бил пронајден уште вчера, а по тројца се уште се трага. При апсењето, затворениците отвориле оган врз полицијата. Никој не е повреден во акцијата за нивно повторно приведување.

Како што јавува албанската телевизија Топ ченел, организатор на бегството бил Адмир Тафили. Заедно со него биле и Фран Мараши, осуден на доживотна робија за убиство на четворица полицајци и Гезим Гури. Тројцата се криеле во напуштен магацин во близина на градот Прењас.

Доцна синоќа бил уапсен и Артур Горо, осуден на доживотен затвор за убиство на полицаец.

Се уште се трага по Гезим Тома, Резик Хаџирај и Едуард Кујтим. Бегалците, како што пренесуваат албанските медиуми се вооружени и опасни. Најверојатно не делуваат во група, туку секој од нив се крие одделно.

Според албанската полиција, потрагата на полицијата е фокусирана на границата со Грција и Македонија. Полициските сили немаат никаква трага од тројцата бегалци. Во контакт се со нивните колеги од Македонија и Грција.




Датум на објава: недела, 24 ноември 2013 во 17:10
www.kanal5.com.mk
Обновено во: 09:33

коментари

остави коментар