На градскиот плоштад, претседателот Иванов со градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и митрополитот повардарски Агатангел симболично ги закроија виновите лози и упатија желби за родна година.

Македонскиот претседател им го честиташе празникот на граѓаните и во духот на нашата традиција, посака Св. Труфун на лозарите да им донесе многу бериќет, а на винарите квалитет.

- На овој ден посакуваме годината да биде родна и благородна, да биде успешна, не само за винарите и за лозарите туку и за сите нас, рече Иванов.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев порача дека годинашното одбележување на „Свети Трифун“ треба да биде почеток за една нова состојба и нови стандарди во лозарството.

- Винарските визби да бидат тие што ќе прават добро вино, лозарите добро грозје, а државата да биде таа која ќе не заштити, заедно со општината, за грозјето и родот да ни се плаќа на време, рече Јанчев.

Во духот на македонската традиција, Иванов секоја година присуствува на свеченото одбележување на Денот на лозарите и големиот христијански празник – Св. Трифун.

Минатата година, македонскиот претседател присуствуваше на симболичното закројување на винова лоза во Демир Капија. 

Датум на објава: среда, 14 февруари 2018 во 15:48
www.kanal5.com.mk
Обновено во: 18:39

коментари

остави коментар