Во анкетата на Институтот за политички истражувања од Скопје спроведена минатата година во декември – на прашањето - Доколку биде постигнат компромис за името, дали би прифатиле промена на уставното име за меѓународна употреба со цел Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО со ДА одговориле 38,2 проценти.

Според Владимир Божиновски од ИПИС ваквото расположението за  речиси 10 проценти поголемо од анкетата во 2016  година кога изнесуваше 28, 3 се должи на интензивирањето на преговорите за името. На истото прашање со НЕ одговориле 47,1 процент наспроти претходната анкета кога процентот изнесувал 64,8.

Во анкетата спроведена  врз 1113 испитаници - 53 отсто од граѓаните сметаат дека Македонија не би можела да биде примена во ЕУ и НАТО без да го смени уставното име,  наспроти 27 проценти -  дека може. На прашањето - кога сметаат дека Македонија може да добие покана за прием во НАТО и да ги започне преговорите за членство во ЕУ, 25 отсто одговориле  2018 година, додека 19 отсто - 2020 година.

За 60 отсто од испитаниците е многу важно спорот да се реши веднаш. Иницијативата на Владата да се подобрат односите со Грција ја поддржуваат околу 57 отсто од граѓаните, додека 23 отсто не даваат поддршка.


Датум на објава: среда, 14 февруари 2018 во 13:59
Весна Велкова Тодоровска
Обновено во: 15:04

коментари

остави коментар