Само до пред два месеца беше на раб да биде срамнет со земја, денеска идиличниот дворец Шато де ла Моте Шанденије стана глобален синоним за тоа како се чува културното и историско наследство. Лоциран во западна Франција, дворецот од 13 век, во моментов е дом на дури 25 илјади сопственици. Толкав е бројот на луѓе, кои донираа пари за спас на дворецот, поддржувајќи ја интернет петицијата на здружението Дартањан, кое одлучи да посредува во купувањето и реставрацијата на дворецот.

-Јасно е дека никој не може да му одолее на овој дворец, поради неговата романтичност. Затоа е интересот толку голем и никој не сака да гледа како пропаѓа ова исклучително историско наследство, вели Роман Далеалу, здружение Дартањан

Објектот нема најсреќно минато. Сместен среде мало езеро до кого води типичен средновековен мост, омеѓен од импресивни кули, два пати бил освојуван од Англичаните, преживеал два пожара, а се смениле 10-ици сопственици. Последниот одлучил да го прогласи за урнатина, со што требало да биде уништен. Досега се собрани 1,7 милиони евра, сосема доволно годинава да почне процесот на реставрација.

Голем предизвик е за нас да се реставрира ова здание и да се задржи автентичниот дух. Има многу руинирани делови и вегетација која е навлезена длабоко во дворецот, вели Џулијан Маркис, реставратор од Франција

Идното сопствеништво има повеќе симболичен карактер, зашто идните сопственици нема да можат да живеат во него, но ќе можат да го посетуваат и секако да се пофалат дека имаат дворец. Објектот никогаш не бил заштитен како објект од културно-историско наследство.


Датум на објава: недела, 11 февруари 2018 во 15:27
Гоце Герасимовски
Обновено во: 22:30

коментари

остави коментар