Компанијата, која од 1960 година произведува долна облека за кралицата Елизабета II и другите членови на кралското семејство, ги изгуби привилегиите откако Џун Китон ја објави својата автобиографија под името „Storm in a D-Cup”.

Китон, која за кралицата произведувала градници во шеесеттите и седумдесеттите години, во својата книга открила дека била официјален произведувач на корсети за кралското семејство во време на своите редовни посети на Бакингемската палата.


„Жал ми е што Бакингемската палата тоа го сфати како навреда. Станува збор за симпатична приказна за тоа што се случуваше во мојот живот, но и во мојата работа“ – изјавила 82 годишната Китон.

„Се што напишав во книгата е дека сум отишла таму. Никогаш, со ниту еден збор не сум напишала што правев таму“ – додала таа.

Китон изјави дека одлуката на кралското семејство ја смета за “неверојатна“ и дека веројатно пред објавувањето на книгата требало да ја праша палатата за дозвола, но според неа воопшто не ни помислила дека тоа што го прави било погрешно.

„Толку е вознемирувачки што се случува пред крајот на мојот живот. Но што можам да направам. Не можам да влегувам во конфликт со палатата, ниту тоа го сакам, но тешко е“ – изјавила таа.

Бакингемската палата одбила да ги коментира овие наводи.

Британската асоцијација за кралските повластици наведува дека губењето на статусот на компанијата не е поврзано со објавувањето на биографијата, додавајќи дека секоја година се откажуваат 20 до 40 повластици, кои им се доделуваат на други компании.

Кралските повластици, кои може да ги издадат само кралицата Елизабета II личност, принцот Филип и принцот Чарлс, се доделуваат на компаниите и занаетите кои во претходните пет до седум години за кралското семејство извршиле разни извонредни услуги или го снабдиле со извонредни добра.

Повластиците не се доделуваат на припадници на професии кои имаат врска со банкарство, законот или новинарство.

Во овој момент, кралските повластици ги уживаат околу 800 компании и поединци.

Датум на објава: петок, 12 јануари 2018 во 17:15
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар