ДЛУМ и КИЦ и годинава ги доделија наградите на оваа републичка ликовна манифестација. Наградата за сликарство му е доделена на Драган Ветровски-Алпи, Агрон Абдули ја доби наградата за графика, наградата „Константин Мазев-Коце“ и е доделена на Силвана Атанасовска, „Вангел Коџоман“ на Жаклина Глигориевска-Кочоска и наградата „Адем Кастрати“ на  уметникот Бурхан Ахмети.

Жаклина Глигориевска-Кочоска, добитничка на наградата „Вангел Коџоман“, изјави дека со создавањето уметност се одвоила од, како што вели, суетноста на животот и ја добила достоинственоста на слободата.

- Но и одговорноста да создавам дела кои во себе ја носат содржината на времето и настаните во кои живееме... Си дозволивме на уметноста да гледаме како на безодговорна забава, невина разонода а, всушност,  целиот тој механизам без дух се претвори во култура на површност и баналности, смета Глигориевска-Кочоска, која е професорка во средното уметничко училиште во Скопје.

Оваа годишна изложба е посветена на малиот формат кој, според ДЛУМ, е творечки предизвик и честа дневна практика на сликарите и скулпторите во ситната пластика.

- Магијата на малиот квадрат во површина 25х25 сѐ уште претставува искушение и за најголемите мајстори на четката и бојата. Гледајќи низ историјата - Пикасо, Дали, Матис, Лотрек, Ван Гог, Гоген, сликари од сите школи и правци, го чувствувале внатрешниот порив да го совладаат малиот квадрат, и на концизен, лапидарен, понекогаш метафоричен и езоповски начин да го транспонираат собитието и мотивот од големото платно во помалата мерка, наведува ДЛУМ, организатор на оваа годишна изложба. 

Датум на објава: четврток, 11 јануари 2018 во 10:11
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар