Карневалот, со кој се слави доаѓањето на новата година по стариот календар, ќе почне со забава, вечерта на 12 јануари, кога ќе настапат групите Pluto's Doubts и Фолтин, и диџејот Кирил Џајковски. Наредниот ден, 13 јануари, во 13 часот ќе почне дефилето на маски. Во пресрет на Василица и пречекот на православната Нова година, вечерта на 13-ти Чалгија саунд систем, Џамбо Агушев оркестар и Блага Петреска ќе ги забавуваат василичарите и гостите на Вевчани. Кулминација на настанот е на 14 јануари сретсело со василичарско оро на околу илјада маски. Карневалот ќе заврши тој ден попладне со традиционалното палење на маските.

- Карневалот годинава е во викенд и очекуваме многу посетители од земјава и од странство. Вевчанскиот е најстар карневал, со најдолга традиција во Македонија и пошироко. Уникатен е и единствен, а учесниците ја имаат сета слобода да критикуваат и иронизираат, рече на прес-конференција вевчанскиот градоначалник Сашо Јанкоски, кој ги покани сите што имаат желба да дојдат идниот петок, сабота и недела во Вевчани за, како што рече, заедно со нив да му се радуваат на животот и да ја пречекаат старата нова година.

Вевчанскиот уметник Симун Лешоски, автор на дизајнот за пасошот на Република Вевчани и на вевчанските банкноти - личници, зборуваше за сите специфични обичаи за време на карневалот, кој е стар 1400 години и има повеќе од 10 000 посетители.

Зетот и Невестата се главните ликови-маски на карневалот кои, рече Лешоски, се задолжени ноќта меѓу 13-ти и 14 јануари да ги посетат сите, околу 700 куќи на Вевчани, за да соберат пари (т.е. маста) што се наменети за донации. Маските се чуваат во најголема тајност и никогаш не се повторуваат на некое следно карневалско издание.

- Вевчани не е село, Вевчани не е град, не е нуту Република. Вевчани е приказна за себе во која главната улога е карневалот - тотален театар и тотална слобода. Никој нема и не може да има влијание на идејата на креаторот на маската. Такви ингеренции нема ниту градоначалникот и, дури и да има таков обид, кога се смета дека маската е можеби навредувачка поради нешто, ефектот би бил спротивен. Тоа е пркосот на Вевчанци, истакна  Лешоски.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски на прес-конференцијата рече дека Вевчанскиот карневал е бренд на Република Македонија.

- Уникатен е зашто успева народните традиции да ги спои со една отворена критичка култура која Вевчанци ја негуваат. Овој фестивал има и огромен потенцијал да го развие руралниот и културниот туризам и ние во таа насока сакаме да го видиме неговиот иден развој. Министерството за култура продолжува да го поддржува карневалот, рече Алаѓозовски, додавајќи дека овој фестивал е пример за децентрализација во културата. 

Датум на објава: четврток, 04 јануари 2018 во 13:38
www.kanal5.com.mk
Обновено во: 14:34

коментари

остави коментар