„Во овој период ја планирам мојата посета на Атина, се надевам на почетокот на новата година, за да се сретнам со премиерот Алексис Ципрас, со министерот за надворешни работи Никос Коѕјас, со претседателот на Република Грција и со грчки пратеници.“ – открива Заев во интервјуто.

Македонскиот премиер во интервјуто за АПЕ, потенцира дека за нашата земја не постои алтернатива освен ЕУ и НАТО, а од Грција бара поддршка и помош.

„Нашата позиција е следната: бараме поддршка и помош од грчките граѓани и секако преку институциите и од грчката влада, од опозицијата и од грчкиот парламент. Имаме во предвид дека прашањето за името е чувствителна тема и не е воопшто лесно ниту за грчките политичари. Сепак, сакаме да се обидеме меѓусебно да се разбереме и да го охрабриме изнаоѓањето решение кое ќе биде прифатливо и за двете страни. Или двете страни ќе бидат подеднакво задоволни или подеднакво незадоволни. Таков е компромисот. Но, верувам дека како политичари, можеме да имаме поголема добивка, ако имаме храброст да најдеме решение и да донесеме одлука, отколку да го одложуваме, како што беше случај во минатото.“ – објаснува македонскиот премиер за АПЕ.

Македонскиот премиер во интервјуто вели дека во изминатите 6 месеци, владата во голем степен ги подобри односите со соседните земји, но и со земјите членки на НАТО и на ЕУ, а изразува надеж дека во иднина и со Грција ќе постои позитивна разврска.

„За мене е важно да градам мост на пријателство и преку него, се надевам да постои меѓусебна доверба, така што изнаоѓањето решение да стане полесно, па дури и за едно толку чувствителна тема. Имајќи го ова на ум, сметам дека е можно решение. Треба повеќе да се грижиме за нашата иднина, отколку за нашето минато.“ – објаснува македонскиот премиер.

Запрашан за спектарот на отстапки кои е подготвен да ги направи, но и за тоа дали се согласува со промена на името на аеродромот, Заев, како што пишува АПЕ, рекол дека е јасно дека е полесно да се промени името на еден аеродром отколку името на земјата.

Датум на објава: среда, 06 декември 2017 во 19:39
Сања Ристовска
Обновено во: 20:15

коментари

остави коментар