„Следните 6 месеци ќе покажат дали моите пријатели од соседната земја ќе ја стават раката на срце и ќе решат да направат компромис. Еден праведен, а не гнил компромис. Можат да го сторат тоа, доволно е да веруваат и да добијат поддршка од нивните пријатели. Исто така, мислам дека мерките за градење доверба придонесоа кон ваква перспектива.“ -  објаснува Коѕиас и уште еднаш го повторува неговиот став дека во минатото некои Европејци ја поттикнувале Македонија да не прави компромиси.

„Мислам дека сите наши соговорници разбираат дека треба сите страни да прифатат еден праведен компромис. Да функционираат врз основа на компромиси и консензуси со принципите. Ова се однесува на оние Европејци кои во минатото му создадоа илузии на државниот врв на пријателската земја, дека патот за интеграција во ЕУ и во другите институции може да се отвори без компромиси. Во случајот на ФИРОМ, нашите соседи веруваа дека можат да стигнат до интеграција во институциите без договор со нас- нешто што е невозможно - додека пак некои од нашите поверуваа во илузијата дека неактивноста во надворешната политика е оружје. Се покажа дека за време на нашата неактивност други сили добија одличен пристап до нашите северни соседи. “ – вели шефот на грчката дипломатија во интервјуто за грчкиот весник.

Според Никос Коѕиас, интеграцијата во ЕУ, демократизацијата и европеизацијата на Македонија и Турција ќе биде во корист на Грција. Но, како што вели, потребно е да се исполнат поставените услови за европска перспектива, услови кои, според шефот на грчката дипломатија се производ на грчки предлози.

Никос Коѕиас, заедно со неговите колеги од балканските земји членки на ЕУ (Бугарија, Хрватска и Романија) денеска е во Будимпешта на средба со Вишеградската четворка, односно со министрите за надворешни работи на Полска, Чешка, Словачка и Унгарија. 



Датум на објава: понеделник, 04 декември 2017 во 10:31
Сања Ристовска
Обновено во: 14:20

коментари

остави коментар