- Целта е создавање стабилно бизнис опкружување за инвеститорите, како и правна рамка со која секој инвеститор ќе може да биде сигурен дека неговата инвестиција е заштитена и дека законите важат за сите подеднакво, рече Анѓушев.

Вицепремиерот, како што информираат од неговиот Кабинет, истакнал дека довербата од граѓаните на политиките и визиите на Владата се потврдија и на локалните избори во Македонија, на кои од 81 општина, владејачката коалиција освои дури 70 градоначалнички места.

Тој посочил дека главни стратешки приоритети на Владата се членството во НАТО и ЕУ, бидејќи членството во овие организации, навел, е привилегија со која се добиваат нови вредности, сигурност, безбедност, можност за економски раст и развој.

Анѓушев укажал и на причините поради кои Владата добива голема поддршка од граѓаните и меѓународната заедница.

- Прво, оваа Влада цврсто одлучи своите одлуки да ги носи на најтранспарентен и најдемократски начин. За сите прашања, особено за оние најсуштинските, се консултираме со експертите, науката, меѓународната заедница и со пошироката јавност. Второ, цврсто решивме Македонија да биде алка на соединување на земјите на Западен Балкан, а не камен на спрепнување. И трето, доста трошевме пари за споменици. Нам ни требаат инвестиции во инфраструктура: во патишта, железница, гасификација. Спомениците не носат напредок, без инфраструктура нема просперитет, рекол Анѓушев.

Вицепремиерот зборувал и за трите главни столба за економски просперитет: поддршката на стопанството, инвестиции во инфраструктурата и енергетската стабилност на Република Македонија.

- Потребите на граѓаните и на македонското стопанство се приоритет на Владата и токму по тие потреби ги креираме економските политики, кои се главен фокус во работата на Владата, потенцирал Анѓушев.

Тој истакнал дека главна цел на Владата е да создаде стабилно бизнис опкружување за инвеститорите, како и правна рамка со која секој инвеститор ќе може да биде сигурен дека неговата инвестиција е заштитена и дека законите важат за сите подеднакво. Владата е отворена и транспарентна, а со Планот за економски раст, нагласил, се обезбедува одржливост на економијата и секој инвеститор однапред ќе знае каква поддршка може да очекува од Владата, без да мора да се спогодува со претставници на власта.

- Владата преку програмата за економски раст ќе работи на поддршка на унапредување на технолошките и производствените процеси на компаниите, со цел да станат поконкурентни, пред се, на меѓународните пазари. Основната цел е да се подигне стандардот на нивното работење и да им се овозможи осовременување и модернизирање на постоечките капацитети и истите да може своите производи да ги пласираат на меѓународни пазари или да станат доверливи и сигурни добавувачи на светски познати компании. Ќе работиме на поддршка на домашните и странските компании, малите, средни и големи компании, резултатите од таа поддршка ќе се рефлектираат преку нови работни места, повисоки плати и зголемен извоз, нагласил вицепремиерот.

Вицепремиерот Анѓушев ги реафирмирал ставовите на Владата дека странските компании се добредојдени во Република Македонија и упатил повик до компаниите од САД и од земјите од Медитеранот да се запознаат со Планот за економски раст и да размислат своите идни инвестиции да ги остварат токму во Република Македонија, стои во соопштението. 

Датум на објава: вторник, 14 ноември 2017 во 21:43
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар