Бидејќи американските санкции против Москва ги спречуваат компаниите од САД да се здружат со руските, другите компании, неизбежно ќе ја пополнат празнината на рускиот пазар, предупреди претседателот на Русија, Владимир Путин.

Сепак, тој се надева на урамнотежени билатерални односи.

„Тоа што му забранија на Ексон мобајл да работи со нас на Арктикот, само ги лиши од еден интересен и ветувачки проект, кој би можел да ја поттикне американската економија и создаде повеќе работни места во САД, донесувајќи приходи и даноци“ – изјави рускиот претседател пред новинарите.

Додаде дека овој нафтен гигант е само пример на слични случаи, и предупреди:

„Вашите компании ќе бидат заменети со конкуренцијата. Тоа е неизбежно во современиот свет“ – изјави Путин.

Според него “сите сакаат да работат во Русија“ и нагласи дека повеќето компании кои учествувале на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург биле од САД.

Иако односите се се уште во криза, “Москва е подготвена да сврти нова страница и да продолжи понатаму, да погледне во иднината и да ги решава проблемите кои се важни за луѓето во САД и Русија“.

Уште во 2011 година поранешниот извршен директор на Ексон, Тилерсон склопи договор со руската нафтена компанија Роснефт, и така го отвори патот за истражување на рускиот Арктик, Црното море и Сибир.

Меѓутоа, американските санкции кои и се наметнати на Русија поради кризата во Украина го натераа Ексон да ја прекине соработката, со што компанијата изгуби милијарда долари.

Датум на објава: понеделник, 13 ноември 2017 во 12:21
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар