Во дебитантскиот игран филм на Ставрески, кој е македонско-грчка копродукција, главните улоги ги толкуваат Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Диме Илиев и Симона Димковска.

Филмот е приказна за еден млад човек, кој ќе украде марихуана од опасни криминалци со цел да му помогне на својот болен татко, што ќе доведе до многу перипетии и бројни необични и апсурдни ситуации.

Официјалната проекција на „Исцелител“ ќе се одржи вечерва во салата „Ставрос Торнес“ во Солун со почеток во 20,30 часот, во рамки на програмата „Балкански преглед“. За утре е закажана уште една проекција на филмот.

Филмското остварување на Ставрески е во продукција на „Фрагмент филм“ и копродукција на грчката „Граал С.А.“, а финансиски е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Солунскиот фестивал е еден од најголемите и најстари филмски фестивали на балканските простори. Оваа година тој се одржува од 2 до 12 ноември, а во главната натпреварувачка програма се наоѓаат дебитантски и втори филмови на автори од цел свет кои имаат субверзивен пристап.

Во трката за годинешната награда „Златен Александар“ се натпреваруваат 14 филмови, од кои три се грчки. Меѓународното петочлено жири, кое ќе ги оценува филмовите, е предводено од палестинскиот режисер, сценарист и продуцент Анемари Јасир.  /МИА

коментари

остави коментар