Како што соопшти владината прес-служба, Заев е поканет да учествува со свое излагање на премиерската пленарна панел дебата под наслов „Нов договор за новото време, или, дали регионот е подготвен за натпревар на глобалната сцена“, на која ќе се дебатираат и темите за енергијата, за економиите засновани на знаење, за брендирањето, за дигиталната економија и за стратегиите за поврзување на регионот и за заеднички иницијативи во областа на туризмот.

Учество на оваа пленарна дебата, која ќе се одржи на 17 октомври, потврдија и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Душко Марковиќ и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

Посебно обраќање на овој значаен регионален настан ќе има и еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц.

Свое учество на овогодишниот „Самит 100 на бизнис лидерите на Југоисточна Европа“, ќе има и заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, Кочо Анѓушев, кој ќе се обрати на панелот „Е-Концепт за забрзување на порастот на растот со поврзување“.

На отворањето на Самитот 100 во Скопје, на гостите од регионот и од Европа, ќе им се обрати Живко Мукаетов, директор на „Алкалоид“, и претседател на Бордот на Самит 100 - Бизнис лидерите на Југоисточна Европа, заедно со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, како специјален гостин на настанот.

„Самит 100 - Бизнис лидерите на Југоисточна Европа“ се одржува по шести пат, и е единствен настан од ваков формат во регионот. Низ годините овој настан стана познат бренд и собир за регионална бизнис соработка, како и исклучително продуктивна платформа за идеи и проекти што доаѓаат од земјите во регионот и што ги прават Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Србија, чекор поблиску до регион со конкурентски капацитети, со забрзан економски развој и со подобар животен стандард за сите народи во регионот.

Централната тема оваа година е „Поврзаност“ која ќе се разгледува низ настапи, презентации, работилници и панел дебати во сферите како што се транспортот и слободната трговија, зелен Балкан, инфраструктура, брендирање и промоција на регионот, мобилноста на луѓе и идеи, енергија и дигитализација. /МИА

Датум на објава: петок, 13 октомври 2017 во 10:47
www.kanal5.com.mk
Обновено во: 10:54

коментари

остави коментар