Од Министерството за локална самоуправа соопштија дека Фазлиу изразил задоволство од покажаниот интерес на членовите на делегацијата за очекувањата и предизвиците на Министерството за локална самоуправа по локалните избори. Тој изјавил дека очекува фер и коректни избори што ќе донесат нов квалитет во управувањето на општините.

Од страна на набљудувачката мисија на Конгресот на локални и регионални власти било истакнато дека функционирањето на локалната самоуправа во Република Македонија ќе биде предмет на набљудување во текот на наредната или по две години. На состанокот интересот бил насочен кон соработката на централната и локалната власт по локалните избори и конкретно, соработката на Министерството со градоначалниците од опозицијата, финансискиот јаз меѓу надлежностите и средствата со кои што располагаат општините за нивно извршување, распределбата на средствата за рамномерен регионален развој, како и употребата на јазикот на заедниците застапени над 20 отсто, на локално и на национално ниво.

Министерот Фазлиу истакнал дека Република Македонија има демократска Влада која што ќе инсистира на демократски дијалог меѓу централната и локалната власт, без разлика на партиска и етничка припадност. Тој најавил дека по локалните избори ќе бидат направени анализи и во рамките на проектот поддржан од страна на Европската унија, со цел да се подобри системот на финансирање на општините и управувањето со јавните финансии. Тој посочил дека главен проблем кој треба да се решава е корупцијата.

- Сега е погоден момент да бидеме сведоци на демократскиот дух во општеството и на желбата на новата Влада за решавање на проблемите преку дијалог. Ние сега правиме наши анализи со цел да се идентификуваат причините за нефункционирањето на дијалогот помеѓу локалната и централната власт и имаме поставено цел да се елиминира корупцијата и да имаме рамномерен регионален развој, рекол министерот Сухејл Фазлиу.

Во однос на резултатите од претстојните локални избори, Фазлиу уште еднаш истакнал дека без оглед од тоа од која партија ќе дојдат следните градоначалници, Министерството за локална самоуправа на сите ќе им „пружи рака на соработка и помош“.

Заменик-министерот Павлески информирал дека Владата на Република Македонија веќе има донесено заклучок за преиспитување на зафаќањето од ДДВ за општините и градот Скопје од сегашните 4,5 на 6 проценти, како и за редефинирање на распределбата на блок дотациите од областа на образованието, социјалната заштита, културата и противпожарната заштита, со цел да се зајакнат финансиските капацитети на општините за извршување на овие надлежности.

Павлески информирал дека 14 проценти од буџетот се насочени за вршење на функции од надлежност на локалната власт, од кои половината се трошат во Скопје, а од останатите средства, 60 отсто се за плати на вработените и многу малку за фршење на пренесените надлежности. Тој најавил дека во блокираните општини прво ќе се направи интерна ревизија за да се идентификуваат причините, по што, доколку е потребно ќе интервенира и Владата за да се стабилизира нивното финансиско работење.

Во однос на регионалниот развој било кажано дека се подготвува софтвер кој што ќе ја следи алокацијата на средства од ресорните министерства кон планските региони со цел да се обезбеди праведна распределба на средствата, согласно степенот на развиеност на планските региони.

- Министерството за локална самоуправа ќе соработува со сите градоначалници, без разлика на нивната партиска припадност, наместо досегашната пракса градначалниците од опозицијата да бидат ставени во втор план, што е недозволиво, посочил Павлески и додал дека Владата ќе ја подржува соработката во интерес на сите општини./MИА

Датум на објава: четврток, 12 октомври 2017 во 17:16
www.kanal5.com.mk
Обновено во: 18:58

коментари

остави коментар