Синоќешниот состанок на премиерот Андонис Самарас со претставниците на ММФ, ЕК и ЕЦБ траеше неколку часа, но заврши без да се постигнат заклучоци за прашања како што е намалувањето на бројот на јавните службеници и планот за исплата на фирмите и поединците кои должат пари за социјално осигурувања.

И покрај застојот во преговорите, грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас инсистира на тоа дека двете страни се блиску до договор и оти следната рата од заемот за Грција во вредност од 2,8милијарди евра не е загрозена.

- Има значаен напредок во разговорите со тројката. Преговорите ќе продолжат кога меѓународните претставници ќе се вратат во Атина. Ратата од заемот не е доведена во прашање, изјави Стурнарас по состанокот.
Тој информира дека тројката ќе се врати во Атина на крајот од овој месец или на почетокот од април, што значи дека Грција нема да ја добие следната рата овој месец како што беше претходно  планирано.

Иако Стурнарас тврди дека останува да се решат само „технички прашања“ меѓу двете страни,  познавачите на приликите истакнуваат дека се уште постојат големи разлики за редица загрижувачки прашања.
Грчкиот министер за финансии не образложи за кои прашања се уште се преговара, иако општо е познато дека во последните денови се водеа долги дискусии за намалување на вработените во државната администрација, продолжување на „итниот данок на имот“ воведен во 2011 година и како да се соберат неплатените даноци и трошоците за социјално осигурување.

Друго прашање за кое Грција и тројката постојано дебатираат е и можноста банките да им дадат поповолни услови на клиентите да ги вратат кредитите и да ги исплатат хипотеките. Министерот за развој Костис Хаџидакис најави дека за ова прашање има мал напредок.

Датум на објава: четврток, 14 март 2013 во 09:45
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар