Сообраќајот на граничниот премин Евзони- Богородица е нормализиран, а во 12 часот по локално време, како што вели за Канал 5, потпретседател на земјоделското здружение од Кукуш, тракторите еден по еден започнаа да се повлекуваат. Димитрис Вафиадис објаснува дека битката на земјоделците не завршува тука, туку денеска завршуваат конкретните активности.

-Што постигнавте? Постигнавте нешто? Вредеше ова?

„Видете, кога се бориш нешто ќе постигнеш. Она што го постигнавме ќе излезе на виделина. Станува збор за ветувања, за работи кои можат да функционираат, работи кои не чинат ништо за да се направат, кои би требало да се спроведат, да се подобрат условите, доста работи има, кои во овој момент не можеме со сигурност да ги кажеме, бидејќи очекуваме официјални одговори. Луѓето се обврзаа, но чекаме официјални одговори.  – изјави Димитрис Вафиадис - потпретседател на земјоделското здружение од Кукуш.

И земјоделците кои поставија трактори кај месноста Херсо на 15ина километри од граничниот премин Дојран и оние кои го блокираа автопатот Солун Атина кај градот Лариса се повлекоа со што и официјално завршуваат, барем за сега,  протестите на грчките земјоделци.

18 дневната блокада на граничниот премин Евзони-Богородица создаде сериозни проблеми како за македонските, така и за грчките компании, а солунското пристаниште веќе е пренатрупано со стока која чека да биде транспортирана.

Повлекувањето на земјоделците, доаѓа само 1 ден по испратената протесна нота од македонското до грчкото МНР, демарш кој со исклучок на грчката државна ТВ ЕРТ не го објави ниту еден грчки медиум.

Датум на објава: петок, 17 февруари 2017 во 15:32
Сања Ристовска
Обновено во: 16:06

коментари

остави коментар