Вечерва во салата „Градски парк“ во Скопје, Работнички славеше триумф над ланскиот финалист Кожув со 79:66 (19:18; 27:15;19:13 и 14:20) и со 2-1 во победи се избори за финалето.

По изедначената прва четвртина избраниците на тренерот Емил Рајковиќ (Работнички) во вториот период беа подобри како во нападот, така и во одбраната и на полувремето водеа со 46:33. На крајот од третиот период Работнички ја зголеми предноста и во последните десет минути „влезе“ со предност 65:46. Во последниот период гевгеличани само го „ублажија“ поразот.

Најдобар на теренот со „дабл-дабл“ учинок беше Дарко Кнежевиќ со 30 поени и 12 скока, додека Марко Симоновски постигна 15 поени (4 тројки). Во редовите на Кожув најефикасен беше Миладин Пековиќ со 16 поени.

Финалната серија МЗТ Скопје Аеродром - Работнички ќе стартува на 27 мај (вторник), а првиот натпревар се игра во СЦ „Борис Трајковски“. Финалната серија се игра во три добиени натпревари.

Датум на објава: петок, 23 мај 2014 во 22:29
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар