Инцидентот се случил веднаш откако гостинските фудбалери поразот го претворија прво во водство, а потоа и во конечна победа, во мечот од третото коло од Лигата на шампионите. Туре соопшти дека во текот на натпреварот го предупредил судијата на натпреварот, Овидие Хатеган за расистичкото навивање на дел од домашните навивачи.

Јаја Туре (30) потекнува од африканската земја Брегот на Слоновата коска и на овој натпревар беше капитен на екипата на „Манчестер Сити“, поради отсуството на Винсент Компани.

- Многу сум разочаран поради овој инцидент и бесен, изјави Туре по враќањето од Москва.

Тој инсистира дека УЕФА мора да дејствува побрзо и поостро од досега,затоа што во спротивно, фудбалерите како него ќе продолжат и понатаму да се наоѓаат во иста ситуација.

Туре смета дека по ваквите инциденти, треба да се забранат стадионите на кои имало расистичко навивање на неколку месеци, или дури и на една година.

- Ова е навистина премногу и ова мора да престане, вели популарниот играч на „Маничестер Сити“.

Тренерот на Туре и на екипата Мануел Пелегрини, исто така, побара од УЕФА итна интервенција, а управата на „Манчестер Сити“ соопшти дека ќе вложи и официјален протест до европската фудбалска унија.

УЕФА за прв расистички инцидент може да пресуди делумно затворање на еден стадион, а за повторување на инцидентот и целосно затворање на стадионот и казна од 50 илјади евра.

Потпретседателот на ФИФА, Џим Бојс ја предупреди денеска Русија околу расистчкото скандирање во Москва, на навивачите на ЦСКА, укажувајќи на одговорноста на руските власти, да се искоренат ваквите инциденти на тамошните стадиони, особено што Русија е домаќин на Светското првенство во фудбал во 2018 година.

Датум на објава: четврток, 24 октомври 2013 во 12:47
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар