Актуелниот шампион на ова натпреварување Вардар во период од три дена ќе одигра два дуела на гости, бидејќи по утрешниот дуел со Мешков Брест во сабота ќе гостува и кај словачкиот првак Татран Прешов.

Тренерот на Вардар Раул Гонзалез на овие натпревари според најавите нема да настапи со играчите кои имаат повреди: Вуко Борозан, Илија Абутовиќ, Владо Недановски и Иван Чупиќ, како и „златните ракометари“ од шпанската селекција Жоан Кањелас и Арпад Штербик. Се очекува нивно враќање за првиот дуел од продолжението од Лигата на шампионите на 10 февруари против Барселона на гостински терен.

- Нашето гостување во Брест ќе биде тешко, домаќинот е квалитетен тим. Очекувам добар натпревар и да ја почнеме годината со победа. Наша цел е да продолжиме со добрите резултати во сите натпреварувања. Некои играчи нема да бидат на располагање, но нивните замени ќе играат најдобро што можат, истакна Раул за официјалниот сајт на лигата.

Дуелот со Мешков Брест беше одложен и е од 12. коло, додека натпреварот со Татран Прешов е од 13. коло. Во оваа рунда вториот македонски тим во СЕХА лигата Металург во недела на домашен терен ќе игра против Војводина.

Вардар се наоѓа на првото место на табелата со 33 бодови./МИА

Датум на објава: среда, 31 јануари 2018 во 19:58
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар