Писмото на Мејси го пренесуваме во целост:

„Без разлика што минаа веќе седум години од мојот последен настап за репрезентацијата на Македонија, се трудам што е можно поредовно да ги следам настапите на националниот тим и да навивам за моите некогашни соиграчи. Без разлика каде и да сум бил, во Либан, Катар или Аргентина, секогаш се интересирав за тоа како игра и какви резултати остварува македонскиот состав. Потписот за МЗТ Скопје ме врати во државата која ја сметам за втора татковина, а со тоа ми донесе непроценлива можност од блиску да гледам како се одвиваат работите во македонскиот состав.

Тешко ми падна неодамнешниот пораз на гостувањето во Велика Британија бидејќи со таа победа вратите од ЕП 2017 ќе ни беа широко отворени. Но, во моментов ништо не е загубено и момците што сега настапуваат за Македонија не смеат да се предадат. Кошарката е таков спорт, не секогаш работите излегуваат како што посакувате. Јас секогаш се трудам да извадам поука од секој неуспех и потоа напорно да работам на грешките кои сум ги направил. Тоа им го препорачувам на сегашните репрезентативци, пред вечерашниот дуел со Унгарија, кој е од исклучително значење.

Како поранешен репрезентативец, човек кој настапувал во дрес со македонскиот грб на него, сакам да им порачам да имаат верба во себе и во своите квалитети и никогаш да не се предаваат. Можеби се разочарани по поразот во Лондон, но патот кон успехот е секогаш тежок. Унгарија е силен, но не и непобедлив противник. Тие можат да победат, само треба да веруваат во себе.

Поради клупските обврски и тренажниот процес во МЗТ Скопје не сум во можност да заминам во Кавадарци, но ќе навивам пред телевизор, потсетувајќи се на сопствените настапи за Македонија. Ги повикувам сите кошаркарски вљубеници да ги исполнат до крај трибините и да навиваат за репрезентативците од првиот до последниот момент, без разлика на моментниот резултат. Ако тоа биде така, убеден сум дека сите заедно ќе се радуваме, како вечерва така и на крајот од квалификациите.

НАПРЕД МАКЕДОНИЈА!“, се вели во пораката од Мејси до избраниците на селекторот Раца.

Американецот со македонски беше дел од репрезентацијата на Македонија која прво успешно ги мина квалификациите, а потоа и настапи на ЕП во 2009 година во Полска. 

Датум на објава: среда, 07 септември 2016 во 13:28
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар